fbpx

Од први јули зелена агенда преку еколошка такса од 3,5 денари по литар за сите горива

-

Премиерот Зоран Заев денеска соопшти дека од 1 јули годинава ќе се воведе еколошка такса со која за 3,5 денари ќе поскапат сите горива во земјава. Ќе поскапи нафтата, бензините, дизелот и сите останати нафтени деривати, при што олеснување за граѓаните ќе биде намалувањето на ДДВ-то на електричната енергија од 18 на 5 отсто.

„Согласно обврските што ги имаме кон Европската унија, како и согласно Парискиот договор што го имаме усвоено преку Парламентот, нашата земја ќе ја спроведува зелената агенда – ќе има еколошки такси за компании, за употреба на јаглен и ќе има еколошка такса за нафтата и нафтените деривати. Целта е што помала употреба на фосилните деривати, да се свртиме кон зелената енергија, кон новите технологии. Ова значи што повеќе да возиме велосипеди, тротинети, па и возила на струја и хибридни возила“, изјави премиерот Заев.

Премиерот тврди дека зголемувањето на горивата од 3,5 денари нема да предизвика покачување на цените во земјава и тврди дека инфлацијата ќе се задржи на нивото од 1,5 до 2 проценти. Заев посочи дека растот на просечната плата од 4 проценти, како и зголемувањето на минималната плата од 8 проценти ќе создава поголем економски стандард на граѓаните, наспроти трошоците за живеачка. Воедно, тој додаде дека цената на нафтата и нафтените деривати во земјава е најниска во регионот.

„Зелената агенда е обврска на сегашните генерации пред идните генерации, пред децата и младите коишто доаѓаат после нас“, изјави премиерот Заев.

Тој додаде дека е убеден оти цената на електричната енергија нема да се покачи заради државните компании.

„Едно можам да потврдам, а тоа е дека заради ЕСМ и МЕПСО нема да има покачување на цената на струјата“, изјави премиерот Зоран Заев, додавајќи дека од 1 јули 2021 до 1 јули 2022 година ДДВ-то ќе биде пет отсто за струјата, од 1 јули 2022 до 1 јули 2023 година ќе се искачи на 10 проценти, додека од 1 јули 2023 година повторно ќе се врати ДДВ-то на 18 отсто.

Во однос на искористувањето на средствата што ќе се собираат од еколошката такса, премиерот Заев најави дека собраните финансии ќе се користат наменски за специјално формиран еколошки фонд и за сите други еколошки потреби на државата, вклучително и управувањето со енергетските капацитети (заштеда на енергија, обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност, грејни тела и поддршка на домаќинствата).

Денеска на воведувањето на еколошката такса на горивата реагираа од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, но и од здружението на транспортери, Макам-транс.

Пратеникот Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ рече дека од 1 јули цената на секое литро бензин и дизел во земјава ќе се зголеми за 4,13 денари, тврдејќи дека новиот данок на горивата се воведува затоа што владата го испразнила буџетот и ја задолжила државата за дополнителни 2,4 милијарди евра.

Макам-транс, пак, денеска со соопштение реагираат оти на транспортерите превозните средства им служат за остварување на комерцијални цели и новата давачка ќе им ги зголеми трошоците за 4,13 денари по литар. Од Макам-транс веќе испратиле допис до Владата и Министерството за финансии во кој бараат да не бидат вклучени транспортерите во воведувањето на еколошката такса. Транспортерите не ја исклучуваат и можноста за протест.

„Во наредниот период предвидени се состаноци со надлежните органи и обид за промена на најавената мерка, за таа цел се одлучивме да спроведеме анкета за да се анализира состојбата и спремноста на превозниците за спроведување на отпор во различни облици“, најавуваат од Макам-транс.

Покрај за штетното влијание на патниот транспорт врз животната средина, особено во делот на аерозагадувањето, „Мета.мк“ во изминатиов период опсежно пишуваше за серија на можни мерки коишто треба да ги преземат властите за да се стимулира користењето на зелениот транспорт, паралелно со дестимулацијата на патниот сообраќај.

Во делот на велосипедскиот превоз, пишувавме дека во земјава, за жал, единствениот стимул за користење на велосипедот како превозно средство се субвенциите за набавка на велосипеди кои ги доделуваат дел од македонските општини. За разлика од кај нас, во европските земји се воведени финансиски стимули за користење велосипедски превоз, како и бесплатни велосипеди за одредени категории на граѓани.

Иако владата ветуваше, сепак стимулирањето на набавката на хибридни и електрични возила во земјава се сведе единствено на новиот Закон за данок на моторни возила, што стапи на сила на 1 јануари 2020 година, при што електричните возила се ослободија од посебен данок на моторни возила, додека хибридите се подложни на ослободување на 50 отсто од данокот. За разлика од кај нас, во дел од европските земји постојат низа на поволности за набавка на електрични возила за граѓаните.

Во однос на стимулацијата на користењето на јавниот превоз, „Мета.мк“ подолг период наназад ја обработуваше темата за воведување комбинираниот превоз, кој целосно отсуствува во земјава. За разлика од европските земји, во патничките возови во земјава е невозможно да се превезе велосипед. Исто така, пишувавме и за (не) воведувањето на комбиниран превоз за воз и јавен превоз во Скопје, којшто би им овозможил на граѓаните да не плаќаат дневни и месечни билети и за скопскиот јавен превоз и за патнички воз, туку со еден заеднички билет да можат да патуваат до посакуваната крајна дестинација во меѓуградскиот превоз.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...