фото: Влада

По принципот на јавно приватно партнерство, денеска се потпиша договорот меѓу државната АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), турската „Фортис Енержи Електрик“ и бугарската компанија „Солар про“, за изградба на фотонапонска електрана во РЕК Осломеј. Инвестиција „тежи“ 70 милиони евра и предвидува 100 нови вработувања. Оваа електрана се очекува да биде пуштена во употреба до крајот на годината.

Според премиерот Зоран Заев, станува збор за една од најголемите инвестиции во обновливите извори на енергија во земјава. Новата фотонапонската електрана ќе биде со јачина од 100 мегавати, со две постројки од по 50 мегавати.

„Двете компании на јавниот повик имаа најдобри понуди. Тие на ЕСМ ќе му исплаќаат надоместок за јавното-приватно партнерство во износ соодветен на 18 отсто и 18,50 проценти од произведената електрична енергија за час. Заработка на државата би била до 1,5 милиони евра годишно. Дополнително, инвеститорите имаат обврска да земат по еден вработен според мегават, односно 100 вработени од РЕК Осломеј. Тоа ја потврдува посветеноста на Владата во спроведување на правична енергетска трансформација“, рече Заев.

Тој потсети дека енергетиката е една од точките на Акција 21, како и од Интервентниот План за инвестиции 2021-2027, што подразбира промена на термоелектраните на јаглен во фотонапонски, гасни електрани и ветерници. Заев рече дека до 2030 година следува постепено затворање на термоелектраните на јаглен, на сите три блока во РЕК Битола и на еден блок на РЕК Осломеј, а новите фотоволтаици во земјата се со јачина од 1.800 мегавати.

Средствата од новите еколошки такси ќе бидат исклучиво наменети за дополнителни проекти за зелена енергија, посочи Заев и додаде дека имплементацијата на зеленото сценарио од Стратегијата за енергетика до 2040, значи поголеми инвестиции во чиста енергија, ОИЕ, затворање на термоелектраните на јаглен, инвестиции во енергетска ефикасност. Финансиите за тоа ќе бидат обезбедени од Буџетот, а дел и од приватни инвеститори.

Според генералниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, изградбата на фотоелектраната во Осломеј е една од најголемите инвестиции во македонската енергетика, при што, според условите во тендерот за изведувач, ЕСМ нема никаков паричен влог во изградбата, туку ја дава само локација на стариот рудник, пристапниот пат, анализата за условите за производство и балансирањето енергија.

„Станува збор за 35 годишен договор, а потоа приватниот партнер ќе го пренесе правото на сопственост на јавниот партнер во исправна, оперативна погонска состојба. Приватните партнери се должни да склучат договори со 100 лица наши вработени за вршење на работи од стручната подготовка и квалификации“, наведе Ковачевски и додаде дека со ова темпо на инвестирање во ОИЕ од ветер и од сонце, процентот на производство електрична енергија од обновливи извори од 3 отсто, значајно ќе се зголеми на сметка на производството од јаглен, за што добиваме високи оценки од Европската енергетска заедница.

Атила Учкардеш, сопственик на „Фортис енержи електрик“ и Константин Василев Ненов, управител на фирма ОСМ Солар-Скопје, во своите обраќања искажаа задоволство од транспарентната постапка за избор на компанија-инвеститор за фотонапонска електрана. Ненов потенцираше дека постигнатите резултати се пример во Југоисточна Европа.