Од денеска почна електронската наплата на патарините на Коридорот 10

Фото: Архива на Мета.мк

Контролниот центар за мониторирање и безбедност на патиштата беше отворен денеска кај наплатниот пункт „Петровец“, со што стартуваше и електронскиот систем за наплата на патарините Романовце, Отовице, Сопот и Градско на Коридор 10, како и на наплатната станица Петровец.

Патарината се плаќа со бесконтактни смарт-картички и со микробранови транспондери, а покрај тие опции, одреден временски период останува и можноста за плаќање во готово.

Првата електронска картичка ја додели премиерот Зоран Заев, кој истакна дека на Коридорот 10 е воспоставен систем со врвна технологија што значително значително ќе ја намали можноста за манипулација.

– Имајќи предвид дека наплатата на патарините веќе ќе може да се врши без запирање на возилото, односно тоа само треба да ја намали брзината на движење и наплатата се врши автоматски, ќе се придонесе и кон зголемување на протокот на возила и комфорот на граѓаните и патувањата. Дополнително корисниците на електронските картички ќе добиваат попуст при секое надополнување – рече Заев.

Еднократниот износ за картичката ќе чини 100 денари и таа ќе се надополнува со најмалку 300 денари, додека за таговите, што ќе се поставуваат на предното ветробранско стакло за да може електронскиот систем да ги чита од далечина, ќе чинат 1.200 денари со надополнување преку Интернет. При електронското плаќање ќе има попусти од два до седум проценти, а старите цени на патарините ќе важат при плаќање во кеш.

– Картичките и таговите ќе може да се купат на наплатните станици на Коридор 10 и во Контролниот центар во Петровец по што во наредниот период продажната мрежа ќе се прошири во институции со кои ќе склучиме договори за дистрибуција. Најдоброто нешто е што кога еднаш ќе земете картичка, нема повторно да мора да доаѓате за надополнување, бидејќи има веб-апликација и може сами да ја надополните на телефон – рече директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов.

Тој очекува до крајот на годинава, 30 до 50 проценти од учесниците на сообраќајот да користат електронски систем на наплата.

Новиот систем за наплата е целосно интероперабилен со наплатните системи во останатите држави.

– Тоа значи дека со уредите за електронска наплата (тагови) ќе може во иднина да се плаќа патарина во други држави. Веќе сме во интензивна комуникација со институциите во Европска унија, транспортерите да можат секаде кога ќе патуваат низ Европа да можат да го користат тагот што ќе го набават тука – појасни Китанов.

Преку Контролниот центар ќе се контролираат сите патарини на Коридорите 10 и 8, а со него ќе бидат поврзани и камерите што во иднина треба да бидат поставени покрај сите автопатишта и постојниот контролен пункт во Неготино, кај автопатот Демир Капија – Смоквица и пунктот што ќе се гради кај автопатот Кичево – Охрид.