fbpx

Од 30 предмети за струшкиот градоначалник Мерко – само една условна пресуда

Комисија на Јавното обвинителство извршила вонреден надзор над работата на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, како и во предметите поврзани со работата на Општина Струга. Според увиденото, може да се заклучи дека против Мерко или општината има 15 „живи“ предмети и 15 кои се завршени. Само во еден предмет е донесена пресуда

-

Комисија на Јавното обвинителство извршила вонреден надзор над работата на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, како и во предметите поврзани со работата на општина Струга во периодот кога тој ја вршел функцијата градоначалник. Разгледувани се вкупно 30 предмети поврзани со струшкиот градоначалник, кој се најде на црната листа на САД како генерално неподобен за влез во Соединетите држави, поради неговата вмешаност во значителна корупција. Она што САД го увидоа, а македонските институции очигледно не, тој се мешал во судските и другите јавни процеси, нанесувајќи ѝ штета на вербата на јавноста во демократските институции и функционери во Северна Македонија.

Сега, во соопштението на Јавното обвинителство се вели дека извршен бил надзор во Основното јавно обвинителство Струга, Вишото јавно обвинителство Битола и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во сите заведени предмети против лицето Рамиз Мерко.

„Во текот на работата, Комисијата имаше увид во вкупно 30 заведени предмети од кои најстарите завршени постапки датираат од 2006 година, при што и во еден дел од веќе решените предмети Комисијата испрати укажувања до јавните обвинители во однос на нивното постапување“, се вели во соопштението.

Според увиденото, може да се заклучи дека против Мерко или општината има 15 „живи“ предмети и 15 кои се завршени. Само во еден предмет е донесена пресуда против струшкиот градоначалник, и тоа условна.

Од обвинителството тврдат дека „толеранција на какви било облици на криминал нема и нема да има“.

Дадени насоки за постапување за предметот за набавка на службените автомобили 

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во работа има вкупно 5 предмети поврзани со Мерко, меѓу кои и предметот со спорната набавка на службени автомобили во Општина Струга, кон кој е приклучена и иницијативата на Државната комисија за спречување на корупција и извештај на Државниот завод за ревизија. За овој предмет донесена е Резолуција за еден дел од наводите, меѓутоа останатиот дел сè уште е предмет на проверки.

„На надлежниот јавен обвинител му се дадени насоки за натамошно постапување во овој предмет“, велат од обвинителството.

Основното јавно обвинителство Струга води четири предмети против Мерко оформени од почетокот на годинава. Се постапува и во два предмета во предистрага од 2021 година кои се однесуваат на конкретни проекти на Општина Струга.

За други четири предмети во работа (два од 2019 година и два од 2022 година), јавните обвинители кои преземале дејствија добиле укажувања и насоки со цел дополнително да се динамизира постапувањето.

„Вишото јавно обвинителство Битола доби насока во следниот период да врши зачестени контроли и да го следи постапувањето во сите предмети против избрани и именувани лица во основните јавни обвинителства во своја надлежност“, велат од обвинителството.

Според евиденцијата на завршените предмети, од кои дел датираат и од 2006 година, има една условна пресуда, за два предмета обвинителството за гонење на организиран криминал донело решение за отфрлање и решение за запирање на постапката, а еден предмет застарел…

За името на Рамиз Мерко, кој во три мандати управува со општина Струга се врзуваат многу афери и обвинувања за корупција. За него постапка во 2019 година предмет отвори Антикорупциската комисија за набавка на службени автомобили во вредност од 114.000 евра, меѓу кои беше и луксузниот марка „Ауди А6“ вреден речиси 67.000 евра. ДКСК иницираше кривична постапка за набавката до надлежното јавното обвинителство, но, таа беше отфрлена.

И Судскиот совет најави дека ќе формира работна група која ќе го посети Судот во Струга и допрва ќе ги проверува наводите на американскиот Стејт департмент, кој Мерко и неговото семејство го стави на „црната листа“ со образложение дека „оваа ознака ја потврдува посветеноста на Соединетите Држави за борба против корупцијата, која му штети на јавниот интерес, го попречува економскиот просперитет на земјите и ја намалува способноста на владите ефикасно да одговорат на потребите на својот народ“.

Јовески отвора национален фронт за борба против корупцијата

За време на извршениот надзор, членовите на Комисијата извршиле директни разговори со јавните обвинители од кои побарале да се произнесат дали чувствувале какви било притисоци во постапувањето и дали се соочуваат со проблеми при водењето на постапките. Од обвинителството не соопштуваат дали тие се пожалиле на притисоци при работењето.

„Јавното обвинителство ја уверува јавноста дека во сите активни предмети против наведеното лице ќе бидат преземени неопходните дејствија и ќе бидат испитани сите околности, а евентуално утврдените кривични дела нема да останат без соодветен кривичен прогон“, велат од обвинителството.

Јавниот обвинител Љубомир Јовески донел повеќе дополнителни мерки со цел јакнење на отпорноста на јавнообвинителскиот систем и ажурноста на јавнообвинителското постапување:

– Писмено укажување до сите Виши и основни јавни обвинителства за ажурирање на постапувањето во сите предмети, особено во предметите кои се однесуваат на кривични дела од областа на корупцијата и во предметите кои се однесуваат на избрани и именувани функционери.

– Писмено укажување до Вишите јавни обвинителства за задолжителна контрола на постапувањето по предметите против избрани и именувани лица при секој редовен надзор во основите јавни обвинителства во нивна надлежност.

– Јавниот обвинител ќе иницира средба со Министерството за внатрешни работи, Финансиската полиција, ДЗР, ДКСК, со цел активирање на национален фронт за борба против корупцијата. Во рамките на своите надлежности како орган кој раководи со истражната постапка, Јавното обвинителство ќе им даде конкретни насоки на останатите институции од правосудната полиција за динамизирање на нивните постапки, ќе инсистира на соработка и ќе побара сите други институции да одговорат со максимални напори и вложувања во борбата против криминалот.

– Ќе се иницира средба со Здружението на јавните обвинители за да се разгледа можноста да се воспостави канал за пријавување на обиди за притисоци и влијанија врз јавни обвинители. Со тоа ќе се отвори можност за пријавување и од граѓаните, од другите институции, но и од самите јавни обвинители, а обвинителството ќе воспостави механизми за проверка на ваквите наводи.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

И за ВМРО-ДПМНЕ и за СДСМ, ЕУ е приоритет – колку остварлив, не се знае

Во своите изборни програми СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ја нудат ЕУ како највисок надворешен приоритет на државата. СДСМ бара уставни промени веднаш и ветува започнување и завршување на преговорите до...