fbpx

Образовниот концепт не предизвикува рана сексуализација

-

Презентацијата за употреба на кондоми и средства за контрацепција кај младите не предизвикува рана сексуализација, велат сексолозите. Напротив кај младите е нужно сексуално образование за едукација и заштита. Сексот во нашето општество, за жал, е табу тема особено на релација дете-родител и ученик-наставник. Токму затоа е потребно сексуално образование, кое ќе придонесе за правилен развој на младите, а не банализација на сексуалниот чин, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук, во која се тврди дека вежба од Прирачникот за образование за животни вештини на 7-9 одделение, во која учениците се запознаваат со употреба на кондом, покрај другото, предизвикува „рана сексуализација“ и „банализација на сексот“. Ова е не е точно.

СО “ОБРАЗОВНИТЕ” КОНЦЕПТИ ДО РАНА СЕКСУАЛИЗАЦИЈА НА НАШИТЕ ДЕЦА
Ќе се зголеми продажбата на краставици со “образовните” концепти за учениците од седмо до деветто одделение.
Имено, во објавените наставни материјали на страната на Бирото за развој за образованието, наставниците на учениците од 12 години до 14 години треба да им покажат како да местат презервативи користејќи краставици.
Во “нагледните средства” за овој час предвидени се една кутија кондоми, една краставица и шамивче. Час на кој учениците треба да го вежбаат навлекувањето на кондомот врз краставица.
-Држејќи го врвот на кондомот со едната рака, со другата навлечете го на краставицата, стои во инструкциите за наставникот/чката.
Остануваат отворени прашањата за ефектите кои ад хок ќе се појават и реакциите кои ќе се манифестираат кај тинејџерите кои ќе бидат дел од оваа рана сексуализација.
Не е грешка да се каже и банализација на овој акт кој наместо да биде интимен чин на меѓусебно предавање кај зрелите вљубени личности, се сведува на извади и стави, краставица и други зеленчуци и овошја.
Ваквото погрешно насочување на младите секако дека ќе има далекусежни последици. За развојот на самата личност, но и за заедницата и општеството.

Овој прирачник на 240-та страница предвидува вежба во која на младите им се поставуваат прашањата:

Дали некој знае што е кондом?

Дали некој знае како се користи кондом?

Знаете што се сексуално преносливи болести?

Кого го штити кондомот?

На вежбата е предвидена и презентација за тоа како правилно се користи кондом, а за посликовит приказ се употребува краставица. Нешто што е пракса во светот при едукација на младите на оваа тема..

Презентацијата за употреба на кондоми и средства за контрацепција кај младите не предизвикува рана сексуализација, велат сексолозите. Напротив кај младите е нужно сексуално образование за едукација и заштита.

Повеќе од потребно е сексуално образование во основните училишта кај адолесцентите. Тоа е пракса во светот, а целта е да се заштитат. За жал, во нашата земја сè уште владеат стереотипи, тоа е забранета тема и срамно е да се говори за тоа. Некому е смешно да се презентира употреба на кондом пред учениците, но тоа е потребно за да се едуцираат и заштитат. Денес со достапниот интернет младите знаат многу повеќе и од тоа што треба. Реакциите дека е срамно и недозволиво вакви практични вежби во училиштата се апсолутно неиздржани, вели проф.  д-р Миќун Миќуновиќ сексолог, во изјава за Вистиномер.

Едукативната презентација за користење на контрацептивни средства не предизвикува банализација. Сексот во нашето општество, за жал, е табу тема, особено на релација дете-родител и ученик-наставник. Токму затоа е потребно сексуално образование, кое ќе придонесе за правилен развој на младите а не банализација на сексуалниот чин, велат експертите.

Како што родителите бараа предмет религија, така треба да бараат и сексуално образование. Тоа е првиот чекор за поголема заштита и правилно насочување на младите. Треба отворено да се зборува со учениците, а не да се употребува терминот „молчи срамота е“. Децата се љубопитни и сакаат да знаат. Дали тоа знаење ќе му го даде улицата, интернетот или образовниот систем, од нас зависи. Позитивно е тоа знаење да му го даде образовниот систем, а не на интернетот каде може  да гледаат и порнографија и несоодветни содржини, додава професорот Миќуновиќ.

Исто така, во објавата се вели:

Ваквото погрешно насочување на младите секако дека ќе има далекусежни последици. За развојот на самата личност, но и за заедницата и општеството.

И ова не е точно, според експертите, спротивно на ова тврдење, токму сексуалното образование може да предизвика правилен развој, младите да знаат како да се заштитат од сексуално преносливите болести.

Посебен час за презентација на употребата на кондоми кај учениците е предвидена и во образовната програма во САД.

Таму според програмата часот трае 50 минути, предвидени се кондоми од латекс – доволно за секој ученик во одделението, како и еден дрвен модел на пенис за презентацијата на наставникот (изборно; може и банана).

Предвиден е и прашалник со исти и слични прашања, како во Прирачникот одобрен од Бирото за развој на образование во земјава.

Едукација за сексуално образование и заштита кај младите е предвидено и во Европските земји. А целта е младите да се едуцираат, но и да се превенира од ширење заразни болести или несакана бременост кај младите.

Целта на и потребата на кондомите нема врска со рана сексуализација или банализација на сексот, туку спречување на сексуално преносливите болести. Ваквото тврдење има и начуна основа, која досега не е доведена во прашање.

Епидемиолошките студии кои ги споредуваат стапките на појава на ХИВ инфекцијата меѓу корисницитен а кондоми и оние кои не го користат, а кои маат ХИВ инфицирани сексуални партнери демонстрираат дека конзистентната употребан а кондомите е високо ефективна во превенцијата на трансмисијата на ХИВ. Сличпно на ова, епидемиолошките студии покажуваат и дека употребата на кондомите го намалува ризикот од многу други сексуално преносливи болести, се вели во документот на американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ). 

Кога станува збор за тоа кога треба со децата да се разговара за сексот, Мејо клиниката од САД, една од најпознатите светски медицински установи и најголемата непрофитна медицинска групација во земјата, вели дека сексуалните истории на своите пациенти почнуваат да ги креираат на 12 години кај девојчињата и на 13 години кај момчињата. Докторот од клиниката вели дека ниеден родител не му забранил да разговара за оваа тема на овој доктор со неговото дете, а тоа не го сториле ниту самите деца. Кога станува збор за првите разговори околу телото на детето, значи не за сексот, туку за личната телесна автономија на децата, тие се препорачуваат на 5 години, додека првите претпубертетски разговори за идните пубертетски промени што треба да се случат кај децата тие се препорачуваат на 7-9 години. На интернет може да се најде огромен број на литераратура, истражувања и написи во кои се говори за бенефициите од рано започнување со сексуалното образование.

Во Меѓународниот технички водич за сексуално образование издаден од УНЕСКО и чии наоди се базираат врз докази добиени од стручни истражвања, се вели дека примената на сексуалното образование води кон подоцнежно започнување на сексуалните односи кај младите, намалена фреквенција на сексуалните односи, намален број на сексуални партнери, намалено ниво на преземени ризици, зголемена употреба на кондоми и контрацепција. Никаде во овој документ не се говори дека сексуалното образование води кон „банализација на сексот“, ниту, пак, може да се најде таков збор во целиот обемен прирачник.

Понатаму, во истражувачкиот документ на УНЕСКО, во кој се говори за профилите на сексуално образование во 50 земји ширум светот, во 100 отсто од нив сексуалното образование се изучува во јавните училишта, а во 50 отсто во приватните училишта. Во 68 отсто од овие земји, сексуалното образование се изучува во првите 6 години од образованието, а во 76 отсто од нив во следните 4 години од образованието (табела 2).

Имајќи го предвид сето ова, оценуваме дека на објавата ѝ недостига контекст. Едукацијата за употребата на кондомите не води кон „рана секуализација“ или „банализација“ на сексот. Напротив, сексуалното образование води кон подоцнежно започнување на сексуалните односи кај младите, намалена фрекваенција на сексуалните односи, намален број на сексуални партнери, намалено ниво на преземени ризици, зголемена употреба на кондоми и контрацепција.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Руско Министерство за одбрана: Соборени 68 украински беспилотни летала над Краснодар и Крим

Армијата синоќа пресретнала 68 украински беспилотни летала во јужниот руски крај Краснодар и Крим, соопшти руското Министерство за одбрана. Според тоа министерство, 66 беспилотни летала биле соборени над територијата на...