Објавена програмата за второто издание на Скопски поетски фестивал

Дизајн: Андреј Павлов

Второто издание на „Скопскиот поетски фестивал“ започнува на 29 август и истиот годинава ќе се одржува на две локации, во Младинскиот културен центар (МКЦ) ‒ Скопје и во кафе-книжарницата „Буква“.

На поетските читања предвидени во програмата ќе учествуваат дваесетина поети од земјава и од странство.

Од организацијата информираат дека неофицијално програмата ќе започне со настанот за млади поети и поетеси  – „Отскочна даска“. Читањето ќе се одржи во понеделник, на 29 август, со почеток во 20:00 часот во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, на кое ќе настапат десетина млади поети и поетеси, а потоа самите учесници со гласање ќе одберат кој од нив ќе чита и на отворањето на фестивалот во официјалната програма.

Истиот ден ќе биде отворена и ликовната изложба на колажи за Скопје од Валентина Бакти (Србија) ‒ „Сум страдал, ама убаво ми било“, што посетителите ќе можат да ја видат во „Буква“ за времетраењето на фестивалот.

Официјалното отворање на фестивалот ќе биде во вторник, на 30 август со настанот „Во друштво на мртвите поети: како битник ‒ џез и поезија“, кој ќе се одржи Младинскиот културен центар со почеток од 20:00 часот.

„Станува збор за тематско поетско читање посветено на битничката генерација поети, на кое авторите во придружба на џез-музичарите Шамба и Сол ќе читаат своја поезија на начинот на кој тоа го правеле битниците“, стои во најавата.

На настанот ќе настапат поетите Андреј Ал-Асади, Јовица Ивановски, Делвина Крлуку, Мариета Дукиќ, Д. А. Лори, Митко Апостолов, Васко Марковски, Радмила Петровиќ од Србија, Сергеј Тимофеев од Латвија и избраниот млад поет/поетеса на настанот „Отскочна даска“.

Третиот ден, 31 август, го предвидува настанот „Интернационалната поетска вечер“ што исто така со почеток во 20 часот ќе се одржи во МКЦ и на него ќе настапат Влада Урошевиќ, Владимир Мартиновски, Радмила Петровиќ од Србија и Сергеј Тимофеев од Латвија, а вечерта ќе заврши со кус поетско-музички перформанс на Пијан Славеј.

Скопскиот поетски фестивал ќе заврши во четврток (1 септември) во кафе-книжарницата „Буква“, а програмата тој ден ќе започне во 18:00 часот со работилница за креативно пишување поезија за млади на тема „Урбана поезија“, на која ќе говорат дел од поетите што учествуваат на читањата.

Истата вечер, во 21:00 часот ќе се одржи „Стиховно мапирање на Скопје“ – видеопроекција на 12 поетски филмови инспирирани од песни за Скопје.

„Филмовите ги снимија Сандра Ѓоргиева, Марија Шаклева, Валентина Бакти (Србија) и Диме Данов, со инспирација од песни од поетите: Блаже Конески, Анте Поповски, Радован Павловски, Владимир Мартиновски, Васко Марковски, Исток Улчар, Биљана Стојановска, Ана Голејшка Џикова, Јулијана Величковска, Ивана Јовановска, Ѓоко Здравески и Андреј Ал-Асади“, се вели во соопштението за фестивалот.

Фестивалот се реализира во поддршка на Град Скопје, Младинскиот културен центар, кафе-книжарница „Буква“ и винарница „Стоби“.