фото: ФИТР

Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) во соработка со фармацевтската компанија Рош Македонија како корпоративен партнер, заедно со Министерство за здравство и Управата за електронско здравство, денеска го објавија јавниот повик за учество на првиот хакатон: „Е-Здравство“, со кој ќе се бараат е-решенија за подобро управување со здравстениот систем и кои ќе бидат целосно бесплатни и достапни до сите граѓани најмалку во рок од една година од завршувањето на проектот. Хакатонот треба да ги поттикне и мотивира граѓаните и организациите да размислуваат во насока на развивање на иновативни решенија за спречување на болести и одржување на здравјето на популацијата, во следните две области: подобро управување со здравствениот систем во услови на ковид пандемијата (превенција и подобро менаџирање на високоризични групи на пациенти) и женско здравје (превенција за намалување на ризикот од малигни заболувања).

Ова го истакна на денешната прес конференција директорот на ФИТР, Коста Петров, кој додаде дека ќе бидат поддржани решенија за полесно следење и ажурирање на информациите поврзани со ковид-19 и превентивни мерки, потоа решенија за следење и полесно водење евиденција на граѓаните кои примиле вакцина против ковид-19, решенија за пациентите со висок ризик од компликации од корона вирусот, решенија за рана детекција на рак на дојка, за скрининг и прегледи на дојка и слично.

За бенефициите и можностите од оваа соработка, се обрати директорката на Рош Македонија, Алаксандра Ивановска, која рече дека пандемијата ни покажа дека само преку партнерство може да им се помогне на пациентите во превенција на најтешките заболувања.

„Соработката меѓу фармацевтската индустрија и технолошките компании, е клучен двигател за иднината на здравствениот систем. Дигиталните технологии се придружни алатки во третманот и следењето на пациентите, а сето тоа ќе биде во корист на здравстениот јавен сервис, пред сѐ Министерството за здравство, и „Мој термин““, изјави Ивановска.

Петров ги објасни деталите околу јавниот повик за Хакатонот „Е-здравство“, кој се објави на 31 мај, а ќе трае до 17 јуни, а рокот за реализација е 60 дена. Апликанти можат да бидат трговски друштва, потоа тим од најмалку 2, а најмногу 5 лица или физичко лице. Ако апликант е трговско друштво, тоа треба да има максимални годишни приходи од еден милион евра во денарска противредност и просечниот број на вработени да не надминува 250 вработени.

„Вкупниот буџет за хакатонот изнесува 30.000 евра, колку што е и максималниот износ на средства за финансирање на поединечен предлог-проект. Средствата се обезбедени во сооднос: 51 отсто од корпоративниот партнер „Рош“ и 49 отсто од ФИТР. Исплатата на средствата ќе се одвива: 50 отсто авансно, по потпишување на договорот, а останатите 50 отсто ќе бидат исплатени по реализација на решението и поднесување на завршен извештај“, објасни Петров.

Комисија за оценување и избор ќе прави претселекција на кадидати за учесници на хакатонот, а на крајот на хакатонот тимовите ќе ги презентираат своите решенија пред Комисијата, по што ќе следува финална селекција и избор на победник.

Хакатонот ќе се одржи онлајн во периодот 25-27 јуни 2021 година.