Објавен е конкурсот за студентски стипендии

Фото: Sincerely Media on Unsplash

Министерството за образование и наука го објави Конкурсот за студентски стипендии за академската 2022/2023 година. За оваа година се предвидени вкупно 3.000 стипендии, а воведени се и три нови категории, поради, како што велат од МОН, информациите за недостиг на кадар во одредени области.

Меѓу новите категории се предвидени 30 стипендии за студенти запишани на студиски програми од областа на земјоделските, ветеринарните и шумарските науки, како и 15 стипендии за додипломски студии за преведување и толкување од македонски на албански јазик и обратно (мајчин јазик), и преведување и толкување од албански на македонски јазик и обратно (немајчин јазик). Дополнително, 15 стипендии се предвидени и за студентите запишани на додипломски студии по историја на уметност, археологија, ликовна уметност и етнологија и антропологија.

За редовните студенти од социјални категории се наменети вкупно 1.470 стипендии. За студентите од научните подрачја на техничко-технолошките, биотехничките, општествените и хуманистичките науки се предвидени 770 стипендии, додека 85 стипендии се обезбедени за студенти запишани на студиски програми по информатика.

Од МОН информираа и дека 15 стипендии се предвидени за студенти запишани на програми по македонски јазик, македонска книжевност и јужнословенски книжевности.

Понатаму, обезбедени се 500 стипендии за студентите запишани на студиски програми од научните подрачја на природно-математичките, техничко-технолошките, биотехничките и медицинските науки и кои постигнале просечен успех од првата до тековно запишаната студиска година од најмалку 8,00.

30 стипендии ќе им бидат доделени на студенти запишани на студиски програми по хемија, 20 на студенти на физика и 20 на студенти по математика. Предвидени се и 30 стипендии за студентите запишани во прва година на студиските програми на високообразовни установи за образование на наставен кадар во предучилишното воспитание, основното и средното образование.

Условите, критериумите и потребните документи за аплицирање се наведени во Конкурсот кој е објавен на интернет-страницата на МОН.

Оваа година аплицирањето е исклучиво електронки преку порталот „е-услуги“ на МОН, а хартиени апликации преку архивата на МОН нема да се прифаќаат. Рокот за аплицирање трае до 5 декември.

Сите категории на стипендии се доделуваат за девет месеци во текот на студиската година и се во износ од 6.050 денари, со исклучок на стипендиите за студиските програми по хемија, физика и математика, како и новите за земјоделските, ветеринарните и шумарските науки кои изнесуваат 18.000 денари месечно.

Во меѓувреме, сè уште е непознато дали државата ќе ги изедначи стипендиите на повисокиот износ за оние студенти што го оствариле правото на стипендија во некоја од претходните години, за што Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди индиректна дискриминација.

МОН прифатило изедначување на стипендиите за сите ученици и студенти, се чека одобрување од Влада