МОН прифатило изедначување на стипендиите за сите ученици и студенти, се чека одобрување од Влада

фото: www.mon.gov.mk

Запрена е постапката за поведување прекршочна пријава при надлежен суд против Министерството за образование и наука (МОН) од страна на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД). Од Комисијата за Мета.мк информираа дека МОН прифатило да ги изедначи стипендиите за сите студенти и ученици во средно образование, откако КСЗД претходно утврди индиректна дискриминација во државната политика на стипендирање.

„Комисијата ја запира постапката за поведување прекршочна постапка при надлежен суд против МОН, откако доби информација дека Министерството ќе постапи според даденото задолжение од страна на Комисијата“, вели за Мета.мк Весна Бендевска, член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација која го водеше случајот.

Претходно, КСЗД го задолжи Министерството за образование да ги дополни програмите за развој на ученичкиот и студентскиот стандард и да ги усогласи стипендиите за сите ученици и студенти поради утврдена индиректна дискриминација врз основа на образовен статус и повреда на еднаков третман при користење на ученички односно студентски стипендии.

Најновата информација за изедначување на стипендиите доаѓа два дена откако од Министерството за образование за Мета.мк соопштија дека нема да постапат според задолжението на Комисијата. Како образложение за непостапувањето, од МОН рекоа дека остануваат доследни на исполнувањето на обврските кои произлегуваат од договорите што студентите и учениците веќе ги имаат потпишано со Министерството, а според кои ќе им бидат исплаќани пониските суми и дека конкурсите за повисоки стипендии што беа објавени минатата година не можат да важат за стипендистите кои оствариле право на стипендии во некоја од претходните години.

„Секој корисник на ученичка или студентска стипендија има потпишано договор со МОН во кој е дефиниран износот кој треба да му се исплати и начинот на исплатата на стипендијата. МОН ги почитува договорните одредби и постапува по истите. Изменетите услови, критериуми и одредби на еден конкурс за доделување на стипендии, не можат да важат истовремено и за оние кои ќе го остварат правото на стипендија преку тој конкурс и ретроактивно – за оние кандидати кои го оствариле правото на стипендија преку некој претходен конкурс“, рекоа од МОН за Мета.мк претходно неделава.

Сепак, образложението од МОН не беше уважено од страна на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која најави дека ќе покрене прекршочна постапка против ова Министерство.

Мета.мк дознава дека станува збор за околу 3000 студенти и ученици кои беа дискриминирани при покачувањето на износот на стипендиите. Доколку стипендиите бидат покачени за сите, дискриминираните студенти и ученици ќе почнат да ги добиваат зголемените износи со почетокот на исплатата на стипендиите од оваа учебна, односно академска година. Дополнително, ова значи државата ќе треба да им ја доисплати разликата и на оние студенти кои минатата година продолжија да ги земаат старите и пониски суми.

За потсетување, од минатата година МОН ги зголеми студентските стипендии на 6.050 денари, но само за новите апликанти кои аплицираа на минатогодишниот конкурс. Студентите кои го оствариле правото на стипендија во некоја од претходните години, продолжија да ги земаат пониските суми во износ од 3.300 денари. Ист е случајот и со ученичките стипендии кои се зголемија на износ од 3.500 денари.

МОН смета дека зголемувањето на стипендиите за сите студенти и ученици ќе предизвика бројни административни постапки и фискални импликации од 100 милиони денари.

За својата најнова одлука МОН ја известило и Владата, од која се очекува да ја прифати Информацијата на МОН на следната Владина седница.