fbpx

Обединетите нации не ја декриминализираат педофилијата

Стефан Дујарик, портпарол на генералниот секретар на ОН, за странски проверувачи на факти изјавил дека ОН не бараат декриминализација на сексот со деца, ниту пак, повикуваат на укинување на возраста за согласност

-

Во објавата е споделен текст што изобилува со невистини, манипулации и цитати намерно извадени од контекст. Стефан Дујарик, портпарол на генералниот секретар на ОН, за странски проверувачи на факти изјавил дека ОН не бараат декриминализација на сексот со деца, ниту пак, повикуваат на укинување на возраста за согласност. ОН се решителни во борбата против сексуалната експлоатација на децата, сметаат дека сексуалната експлоатација и злоупотреба на деца е кривично дело и ги поддржуваат земјите да ги заштитат децата, пишува Вистиномер.мк.

 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук, во која се тврди дека ОН ја нормализираат педофилијата. Ова е невистина.

Во објавата стои:

Обединети Нации – Нормализирање на ПЕДОФИЛИЈА.

Линк со документирани факти.

Во неа се споделува и текст со наслов:

Училиштата мора да ги подготват децата да имаат сексуални партнери

Во написот, понатаму се вели дека Светската здравствена организација и Обединетите нации сексуализираат мали деца во основното образование ширум светот, со цел нормализирање на педофилијата.

Малите деца се сексуални суштества кои мора да имаат сексуални партнери и да започнат со секс што е можно поскоро. Поради оваа причина, градинките и основните училишта мора да ги научат децата да развиваат страст и сексуална желба, да научат мастурбација, да градат истополови врски, да користат онлајн порнографија и да научат различни сексуални техники како што е орален секс, стои во текстот.

Меѓутоа, нема докази дека ОН и СЗО го кажале ова.

Споделениот напис изобилува со бројни невистини, манипулации и цитати намерно извадени од контекст.

Во текстот се пренесува парафразирано резиме на официјални информации издадени од Светската здравствена организација и Обединетите нации, иако ниту СЗО, ниту ОН не објавиле такви информации. Написот користи делови од вистински цитати, но им се менува оригиналниот контекст со цел да им се смени значењето, пишуваат проверувачите на факти од The Journal. На пример, се зема цитат од страница 16 од водичот на ОН за сексуално образование. Цитатот на ОН гласи:

Сеопфатното сексуално образование (CSE) е процес заснован на наставна програма на поучување и учење за когнитивните, емоционалните, физичките и социјалните аспекти на сексуалноста. аа има за цел да ги опреми децата и младите со знаења, вештини, ставови и вредности кои ќе ги поттикнат да: го остварат своето здравје, благосостојба и достоинство; развиваат почитувани социјални и сексуални односи; да размислат како нивниот избор влијае на нивната и на благосостојбата на другите; и да разберат и обезбедат заштита на нивните права во текот на животот.

Но, во текстот споделен во оваа објава на Фејсбук цитатот е сведен само на ова:

Има за цел да ги подготви децата… да развиваат сексуални односи.

Документот за сексуално образование на ОН е јавно достапен и може да се види дека тој не содржи вакви цитати.

Документот објавен во март годинава од страна на Меѓународната комисија на правници со поддршка на Обединетите нации, беше предмет и на многу лажни објави на социјалните мрежи и написи во кои неточно се тврди дека ОН предложиле декриминализација на возрасните кои имаат секс со деца.

Во петгодишен процес, Комисијата – преку Заедничката програма на Обединетите нации за ХИВ/СИДА, и Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на ОН – изработи нов сет на правни принципи. Во соопштението на Меѓународната комисија на правници се вели дека документот е „сериозно погрешно претставен“ на интернет и дека „принципите не повикуваат на декриминализација на сексот со деца, ниту пак, повикуваат на укинување на пропишаната минимална возраст за согласност за секс“. Се додава дека комисијата „нагласува дека државите имаат јасна обврска според меѓународното право да ги заштитат децата од сите форми на злоупотреба, како што е сексуалната злоупотреба на деца“.

Посветеноста на Обединетите нации за борба против сексуалната експлоатација на децата и содржината на Принципите од 8 март подоцна беа сериозно погрешно претставени на голем број социјални медиуми и веб-страници. Принципите од 8 март не повикуваат на декриминализација на сексот со деца, ниту пак, бараат укинување на пропишаната минимална возраст за согласност за секс. Навистина, МСП нагласува дека државите имаат јасна обврска според меѓународното право да ги заштитат децата од сите форми на злоупотреба, како што е сексуалната злоупотреба на деца, вклучително и преку криминализирање на таквото однесување, стои во соопштението.

ОН одговорија на „злонамерно погрешно известување“ за бројните лаги на социјалните мрежи, пренесе тимот на проверувачи на факти на AAP.

Не бараме декриминализација на сексот со деца, ниту пак, повикуваме на укинување на возраста за согласност. ОН се решителни во борбата против сексуалната експлоатација на децата, сметаат дека сексуалната експлоатација и злоупотреба на деца е кривично дело и ги поддржува земјите да ги заштитат децата, изјави Стефан Дујарик, портпарол на генералниот секретар на ОН.

Дека тврдењата за нормализација на педофилијата се лажни потврди и заменик-портпаролот на ОН, Фархан Хак, за Асошиетед прес. Тој кажал „ништо од тие цитати не е вистина“.

Исто така, тврдењето дека Светскиот економски форум повикува на декриминализација на педофилијата, е неточно.

Светскиот економски форум (СЕФ) никогаш не ја промовираше идејата за декриминализација на педофилијата, изјави портпаролот на СЕФ за Ројтерс.

Тврдењето е целосно измислено и СЕФ никогаш не дал изјава од ваков вид, пренесува Ројтерс.

Поради горенаведените факти оваа објава ја оценуваме како невистинита.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...