fbpx

Нуланд во Атина изрази надеж дека ќе се најде заедничко решение за името

-

Спорот за името и македонско-грчките односи се најдоа на агендата на заменичката на американскиот државен секретар, Викторија Нуланд, во Атина. За ова прашање, кое две децении ги кочи македонско-грчките односи, Нуланд разговарала и со премиерот Алексис Ципрас, како и со шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас.

Како што посочи самата, дискутирале за името и за надежта дека може да се најде заеднички прифатливо решение за да се стави крај на овој проблем.

– И со премиерот и со министерот за надворешни работи разговаравме за нашата заедничка надеж дека може да најдеме прифатливо решение и така да го надминеме овој проблем – изјави Нуланд по тет-а-тет средбата со Коѕиас во грчкото Министерство за надворешни работи.

Грчкиот министер не се надоврза на изјавата, додека, пак, според информации од кабинетот на Ципрас, неговата средба со Нуланд се фокусирала на кипарското прашање и на регионалните случувања, без да се спомене воопшто спорот за името.

Средбата на Нуланд помина речиси и незабележано, едвај беше најавена во грчките медиуми, додека од кабинетот на Ципрас воопшто и не информираа дека тој ќе се сретне со неа.

За потсетување, Нуланд се најде на мета на грчките медиуми за време на патувањето на Коѕиас и на Ципрас во Њујорк. Медиумите ја посочија како главен виновник што Македонија под уставното име учествуваше на состанокот за борба против тероризмот на ИД во рамки на Генералното собрание на Обединетите нации, факт поради кој Грција одби да учествува на овој клучен состанок.

Оцените беа дека Нуланд е една од главните што притиска од двете страни да се покаже поголема ангажираност за решавање на проблемот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.