fbpx

Нови „чудесни лекови“ и теории на заговор за корона вирусот

-

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.

Новиот корона вирус, како топ тема во сите медиуми, е и на врвот на листата на дезинформациите, па во балканските медиуми има еден куп пренесени странски или „домашни“ измислици.

Босанско-херцеговскиот сајт за борба против дезинформациите Raskrinkavanje.ba забележал дека на социјалните мрежи на корисници од БиХ, но и од други држави, се пренесуваат тврдења дека џвакањето ѓумбир, па и неговото носење на рака или на нога, штити од новиот корона вирус.

Всушност, „советите“ што се споделуваат на социјалните мрежи се припишуваат на „рускиот доктор Олег Торсунов“, а накратко гласат дека „ако се џвака ѓумбир три пати на ден и истовремено се пие топла напивка со куркума и мед, нема да може да го добиете корона вирусот SARS-Cov-2“.

Тоа се целосни дезинформации, оти, како што многу пати е повторено, најкредибилните научни институции велат дека засега не постои ниту едно проверено средство против новиот корона вирус, пишува Raskrinkavanje.ba, истовремено претставувајќи какви се, всушност, убедувањата на Торсунов.

Тој се претставува како „ведски научник и лекар“, верува во лекување со кристали, во дијагностика со помош на минерали, во влијание на планетите на здравјето, во кармички закони. Во врска со корона вирусот, Торсунов вели и дека ќе се заштитите ако исечете парче ѓумбир и го залепите на зглобот на левата рака „како рачен часовник“, а друго парче на зглобот на левата нога и – „нема да бидете болни“, посочува Raskrinkavanje.ba.

Српскиот сервис за проверка на фактите и борба против дезинформациите Istinomer.rs, пак, се зафати со премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, која гостувајќи на една српска национална телевизија завчера, рекла дека сите граѓани во Јужна Кореја го плаќаат тестирањето за корона вирусот. Таа всушност зборувала во врска со повиците во српската јавност да почне масовно тестирање на населението, при што како пример се дава Јужна Кореја.

Брнабиќ споменувајќи „лажни вести и полуинформации“, рекла дека тие што го наведуваат јужнокорејскиот пример, „забораваат да споменат дека таму секој граѓанин го плаќа тестирањето“.

Проверката што ја направил Istinomer.rs, прелистувајќи медиуми и официјални сајтови на Јужна Кореја, утврдила дека без разлика дали некој случај е сомнителен или не, ако резултатот од тестирањето е позитивен, тогаш не плаќа граѓанинот, туку државата. Според тоа, изјавата на премиерката дека сите граѓани во Јужна Кореја го плаќаат тестирањето е невистинита, заклучува српскиот сервис за проверка на фактите.

Уште еден ваков сервис од Србија, порталот Raskrikavanje.rs, пак се зафати со дезинформација дека новиот корона вирус бил предвиден во еден бестселер-роман и во документ на германската влада.

Имено, по социјалните мрежи меѓу српските корисници се шири „информација“ дека новиот корона вирус е предвиден во романот „Очите на темнината“ на Дин Кунц,чие прво издание било во 1981 година. Тоа го кажал и Миломир Мариќ, водителот на емисијата „Ќирилица“ на телевизијата „Хепи“.

Фарсата е околу вирусот Вухан-400, како што се зборува сега, но тој е внесен дури во изданија на романот од 1989 година наваму. Претходно вирусот се викал „Горки-400“.

Сеедно, оваа дезинформација е веќе демаскирана од меѓународните проверувачи на факти, пишува Raskrikavanje.rs, и посочува дека за имагинарниот „Вухан-400“ е направен лабораториски, што за новиот корона вирус „според сега расположливите податоци, не е случај“.

Второ, „книжевниот вирус“ има смртност од 100 отсто, и тоа во рок од 24 часа, не може да опстане на надворешна површина повеќе од една минута, а сето тоа не е случај со SARS-Cov-2, наведува српскиот сервис.

Уште една дезинформација од слична природа била предмет на анализа на Raskrikavanje.rs, односно тврдење на професорот Волтер Вејт изнесено во едно видео на Јутјуб, кое интензивно се споделува низ српскиот интернет, дека Германија уште во 2012 година во документ точно го предвидела вирусот и неговото ширење.

Станува збор за документот усвоен пред осум години од германскиот Бундестаг – „Извештај за анализата на ризиците во цивилната заштита“. Вејт тврди дека овој документ „личи на вистинска слика на она што сега гледаме дека се случува во светот, тој ја отсликува оваа состојба, личи на сценарио“.

Но, како што пишува српскиот сервис, во официјалниот документ станува збор само за разработка на можно сценарио со хипотетски пандемски вирус, односно, како што германската влада објасни на крајот на минатиот месец, „станува збор за хипотетско сценарио во кое е опишан тек на пандемија“, односно треба да овозможи соодветно планирање и одбрана доколку дојде до катастрофа.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Германија добива онлајн регистар на донори на органи

Германскиот онлајн регистар на донори на органи вчера беше отворен со две години задоцнување. Министерот за здравство Карл Лаутербах оцени дека тоа придонесува за транспарентност и поголема подготвеност на...