fbpx

Нова постава на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Битола

-

Новиот локален лидер на ВМРО-ДПМНЕ во Битола, Борче Димитровски, избра сосема нов тим за општинскиот комитет на владејачката партија во Битола.

Димитровски избра млади профилирани кадри на ВМРО-ДПМНЕ, но направи релации и со старото членство на партијата. За потпретседател ја избра директорката на Пелагонскиот плански регион, Емилија Ѓероска, новинарка по професија, која ќе го води и Центарот за комуникации на локално ниво. Таа е сопруга на актуелниот директор на ЈП „Стрежево“, Марјан Ѓероски, поранешен градоначалник на Општина Бистрица. Ѓероска уште отсега се споменува како потенцијален кандидат за градоначалник на владејачката партија на следните локални избори во Битола.

За секретар на партијата е поставен актуелниот советник Илче Димовски, кој политичката кариера ја почна пред повеќе од десетина години, како средношколец, предводник на средношколските протести во Битола против отворањето албанска паралелка во градот.

Она што е интересно за политичката јавност во Битола е што новиот општински комитет го враќа влијанието на поранешниот министер Зоран Коњановски во Битола, преку неговиот брат Тони Коњановски.

Меѓу првите луѓе на комитетот се и актуелниот директор на гимназијата во Битола, Кирил Печалев, кој беше еден од најсериозните кандидати за локален лидер, како и професорот Божидар Маслинков, поранешен локален лидер, кој е еден од ветераните на ВМРО-ДПМНЕ во градот.

Во општинскиот комитет веќе не е член актуелниот пратеник и досегашен локален лидер, Зоран Илиоски, поради акумулација на функции, но со оглед на неговото влијание на централно ниво, како член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, останува една од најсилните политички фигури на партијата на власт во Битола.

А.Б.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.