Низа активности и ветувања за младите од власта во наредните четири години (инфографик)

Фото: Арбнора Мемети

„Убедени сме дека стапката на невработеност на млади од 15 до 29 години значително ќе се намали, на ниво под 17 проценти до 2024 година“, се вели во програмата „Можеме“ на СДСМ, која партијата ја понуди пред парламентарните избори во јули годинава. Во програмата која треба да се реализира во наредните четири години, може да се прочитаат низа ветувања и предвидени активности, за кои „Мета.мк“ направи анализа и фокусот го стави на младите.

Во еден од најважните сегменти – образованието, СДСМ се ориентира кон неколку приоритети. Тие најавуваат дека за три месеци ќе ја завршат анализата на резултатите од ПИСА тестирањето и со ангажирање на странски експерти кои ќе соработуваат со македонски едукатори, а ќе се изработи „План Веднаш“ за вистински и брзи реформи во образованието. Нивна цел е просечните постигања на македонските ученици во ПИСА 2021 да се зголемат за минимум 10 поени во однос на тестирањето од 2018 година.

Исто така, предвидено е поврзување на сите основни училишта со ултра брз интернет, интерактивни училници, дигитализација и трансформација на наставната програма. Ќе се воведе и задолжителен здрав оброк со овошје и зеленчук во сите основни и средни училишта.

Од коалицијата ветуваат дека ќе направат систем со кој полесно ќе се задржуваат најдобрите дипломирани студенти да работат научноистражувачка и високообразовна дејност на универзитетите и научните институти преку побрзи процедури на одобрување на вработување (по пензионирање) и стипендирање на нивните докторски студии. Воедно, ќе се постават механизми за конкурентност и евалуација во високото образование согласно критериумите на Шангајската листа и рангирање на универзитетите со цел зголемување на квалитетот на високото образование.

Во следниот период, СДСМ се обврзува дека ќе донесе Закон за младинска гаранција, со што ќе се институционализира оваа форма на поддршка на младите до вработување. За да се спречи одливот на мозоци пак, ќе се создаде #ФондЗаМладиУмови. СДСМ ветува дека за 3-6 месеци ќе го усвои новиот модел за финансиска поддршка во повеќе сегменти на развојот на критичкиот и креативниот потенцијал кај децата и младите.

„Во рамките на оваа иницијатива ќе се предвиди и посебна програма за вклучување млади луѓе што заминале од Северна Македонија, а оствариле резултати во својот ангажман во науката, бизнисот и други области. Тие ќе се ангажираат како ментори, со цел пренесување на стекнатите знаења и искуства на децата и младите во државата“ се вели во програмата.

Освен кон образованието, од владејачката партија се посветиле и на дигитализацијата и ИТ иновациите. Во поранешното „Македонско село“ (кое сега е сопственост на државата), ќе формираат „Старт-ап село“ („Start-Up Village“) кое ќе нуди физички простор за живеење и работа на млади луѓе со започнат или бизнис во подготовка. Простор во Start-up village ќе може да користат и старт-ап компании од регионот, учесници во регионалниот бизнис-акцелератор, како и млади луѓе од Северна Македонија, кои заминале во странство, а ќе решат да го пренесат и/или да започнат свој бизнис дома.

Во здравството пак, ќе се стимулираат младите лекари да работат во рурални средини, така што ќе им бидат доделени грантови на оние млади лекари кои сакаат да отворат ординации во рурални средини. Во програмата наведено е дека ќе се потпише стратешки договор со Универзитетската болница од Франкфурт за едукација на млади лекари и сестри по принцип на ротација.

Од новите иницијативи пак, се споменува Преспа – симбол на иднината. Коалицијата ќе ја покрене иницијативата за Регионален центар за дијалог – Преспа, форум во чии рамки ќе се подржи процесот на формирање на канцеларии за младинска соработка МК-ГР, како и сите активности и проекти на канцелариите кои ќе овозможат размена на искуства и поврзување на младите од двете земји.

Социјалдемократите се обврзуваат дека ќе се воведе годишна награда за најдобра идеја/проект со кој се развива и промовира концептот на „Едно општество за сите“. Истата ќе биде наменета за млади до 30 години и ќе стимулира заедничка работа и креативност. Исто така, секоја година нашата држава ќе ги кани регионалните лидери на 17 јуни да се обратат на младите од регионот токму од Преспа.