fbpx

Ниту Судскиот совет не бил консултиран околу контроверзните измени во Кривичник законик

Судскиот совет требаше да биде консултиран за ефектите и за можните последици од овие законски измени, рече претседателот на Судскиот совет Сашко Георгиев

-

Претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев вели дека ниту Судскиот совет не бил консултиран околу носењето на измените во Кривичниот законик, со кој се предвидуваат поблаги казни за злоупотреба на службената положба, несовесно работење и злосторничко здружување. Истото го потврди и Антонио Јолевски, претседателот на Советот јавни обвинители, кој пак беше малку поумерен во изјавата и не сакаше да ги коментира измените.

Георгиев, по потпишувањето на Меморандумот за соработка меѓу Судскиот совет и Советот на ЈО во неколку области кои се од заеднички делокруг на работењето, рече дека има забелешки во однос на транспарентноста на носењето на законските измени.

„Наоѓам забелешка во делот на транспарентноста, немавме свое учество односно мислење како Судски совет. Целисходно и правилно би било да имаше една транспарентна постапка каде ќе се слушнеше и нашето мислење по однос на какви било измени“, изјави претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев.

Според него, сега судиите се сведени на тоа да го почитуваат законот таков како што е, без претходна анализа на сите евентуални последици врз основа на аргументирани состојби и на конкретни предмети.

„Судскиот совет требаше да биде консултуран за ефектите и за можните последици од овие законски измени“, рече Георгиев.

Јолевски рече дека Советот на ЈО не ги разгледувал измените, но даде забелешка во однос на (не)транспарентноста.

„Советот на ЈО не учествуваше и не ги разгледуваше измените на КЗ и за нив треба ставот да го каже Јавното обвинителство, тие се практичарите, оние кои ги работат предметите и тие ќе дадат најдобра анализа како ќе се одразат измените во нивното работење. Тие можат да кажат со бројки и конкретни податоци, а ние како Совет не постапуваме по предмети, туку само по претставки и поплаки и се грижиме за самостојноста во работењето на обвинителите. Јас лично сметам дека требаше поголема транспарентност за измените на КЗ и требаше да се вклучат практичарите пред да се донесат решенија, оти тие најдобро можат да дадат одговор какви измени се потребни“, рече Јолевски.

Измените во Кривичниот законик беа донесени на собраниска седница на која кворум обезбедија и опозициските партии. Ниту една правосудна институција, ниту пак адвокатите не беа запознаени со измените. Со оглед на тоа што со новите измени се кратат казните за лицата кои ја злоупотребиле службата, се крати и времето на застарување на предметите, па така со застарување со соочуваат голем број предмети на поранешното Специјално јавно обвинителство.

Досега се одржаа неколку рочишта каде што требаше да се постапува согласно овие измени, но обвинителите сè уште вршат анализи во однос на тоа како ќе постапуваат по предметите, па рочиштата се одложуваат.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...