Ковачевски за КЗ: За некои закони сакаме да се повикуваме на Германија, а за некои на Казахстан

Ковачевски повтори дека вакви закони, како измените во Кривичниот законик, имало и во Германија и во Словенија и ги повика истражувачките новинари да проверат како е и во Брисел

Фото: Влада на РСМ

Сè е сработено во согласност со закон и со процедурите и не гледам ништо спорно, дотолку повеќе што потврда има и од експертите.

Вака денеска премиерот го оправда носењето на измените во Кривичниот законик, со кој се намалуваат казните за осомничените функционери кои ја злоупотребиле положбата и му наштетиле на буџетот, а со тоа и застарувањето на предметите се намалува од 40 на 10 години. Тој уште еднаш повтори дека вакви закони имало и во Германија и во Словенија и ги повика истражувачките новинари да проверат како е и во Брисел.

„Еве земете го германското законодавство, јас многу добро го знам германското законодавство и ќе видете какви членови има и ќе видете дали има такви членови кои кај нас ги има. Потоа земете ја висината на казните во Словенија, бидејќи ние за некои работи сакаме да се повикуваме на Германија, сакаме да се повикуваме на Словенија, ама некогаш сакаме да не се повикуваме ниту на Германија, ниту на Словенија, туку ако може да се повикаме на Азербејџан, Казахстан… знаете тоа некако ми изгледа со двојни аршини“, рече Ковачевски.

Според него, сè е сработено во согласност со закон и со процедурите и не гледа ништо спорно, дотолку повеќе што потврда имало и од експертите.

„Сакаме да кажеме дека во ЕУ не владее право? Еве јас ќе ви поставам прашање, вие јавете се во Брисел, кога во Европскиот парламент ги фатија дека местеле светско првенство во фудбал, проверете по кој член од кривичен законик ги гонат. Еве истражувачко новинарство малку во Брисел да видеме по кој член од кривичен законик ги гонат“, вели Ковачевски.

Тој рече дека Европската комисија укажала на употребата на европското знаменце на носењето на измените, но вели Ковачевски дека има табела во којашто има усогласеност со директивите 42/2014.

Значи има коресподентна табела во однос на усогласувањето, рече Ковачевски, најавувајќи дека утре на владина седница ќе се разгледува и Законот за амнестија, со кој се предвидува ослободување на сите кои се осудени на 6 месеци затвор, а намалување за 30 отсто на казните за полесни кривични дела.