fbpx

Незаконски е македонски државјани да се борат во Украина

-

Украинската амбасада во Скопје испрати повик на Министерството за надворешни работи на Украина, но и на претседателот на Украина Володимир Зеленски за доброволно учество во редовите на Меѓународната легија за одбрана на Украина. Но, според измените на Кривичниот законик од 2014 година, учество во вакви воени формации е забрането и државјаните кои ќе се пријават може да бидат осудени со најмалку 5 години затвор, известува Порталб.мк. 

Претседателот на Украина, на 27 февруари, апелираше до граѓаните на странски земји да дојдат и заедно со Украинците да се борат против напаѓачите. Министерството за надворешни работи на Украина креираше и веб-страница за странски државјани каде можат да вклучат во редовите на Меѓународната легија „за заштита на светскиот мир и безбедност“. 

Ако ја посетите страницата, можете да ги видите сите потребни чекори за да се регистрирате како војник-доброволец. Првиот чекор од вкупно седум е дека лицето кое сака да се приклучи на Меѓународната легија мора да се пријави во Амбасадата на Украина (во овој случај во Скопје), а тоа може да се направи лично, по телефон или преку е-маил.

Принтскрин од украинската веб-страна со наведени 7 чекори за учество како доброволец во „Меѓународната легија за одбрана на Украина“

На веб-страната е објавен и списокот на земјите, меѓу кои се наоѓа и Македонија, од каде може да се пријават доброволци, а наведени се и потребните контакти, адреса, телефон, е-маил. 

Принтскрин од украинската веб-страна каде се наведени контактите за пријава во „Меѓународната легија за одбрана на Украина“

Но, учеството во ваквата странска легија за македонските граѓани е забрането со закон. Тоа е спротивно на член 322-а од Кривичниот законик кој забранува учество на државјани на Република Северна Македонија во која било војска или друга странска воена или полициска формација. 

Од Амбасадата на Украина во Скопје за Порталб велат дека сите украински амбасади во светот информираа за оваа иницијатива на Зеленски. Додаваат дека тие немаат намера да регрутираат и секогаш ќе се придржуваат до македонските закони.

„Русија сака да ја уништи Украина, таа врши геноцид врз украинскиот народ. Во овој момент има многу странци кои сакаат да ѝ помогнат на Украина. Сите украински амбасади ширум светот информираа за иницијативата на претседателот на Украина за формирање на Меѓународна легија за територијална одбрана на Украина. Таква практика постои во многу земји во светот, вклучувајќи ја и Европа. Сите ја знаат Француската легија. Амбасадата нема спроведено, не спроведува и нема да спроведе регрутирање. Амбасадата само пренесува информации за иницијативата на претседателот. Амбасадата на Украина во Република Северна Македонија секогаш се придржува и ќе се придржува до законите на Република Северна Македонија“, велат од Амбасадата на Украина во Скопје. 

Но, со промените на Кривичниот законик во септември 2014 година, оние кои учествуваат во странски воени формации ќе бидат казнети со најмалку 5 години затвор. Овие промени се направени за да се спречи екстремизмот, односно учеството на нашите државјани во војните на Блискиот Исток, Сирија или Ирак, т.е. да се спречи нивното приклучување на различни воени формации како ИСИС. 

Од Владата на Северна Македонија за Порталб.мк, информираат дека во моментов немаат информации дека наши граѓани учествуваат во војната во Украина. 

„Во однос на другите прашања, се повикуваме на Кривичниот законик, кој јасно дефинира дека учеството во странска војска или обука од странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, организирани групи, надвор од територијата на Северна Македонија, се казнува со затвор најмалку четири години“, велат од Владата. 

И министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во изјава за „Click Plus“ синоќа изјави дека учеството во војната во Украина е забрането со закон и секој што ќе оди ќе биде санкциониран. 

„Ја прочитав објавата на социјалните мрежи на украинската амбасада која поканува доброволци. Ги информиравме луѓето дека според член 322а од Кривичниот законик војувањето во други држави се казнува со затвор од најмалку 5 години и тоа важи за секоја војна. Ја разбирам украинската амбасада, тие се во очај, им се бомбардираат цивили и деца, тие бараат помош на секој можен начин и го користат овој инструмент, но ние мора да ги заштитиме нашите луѓе. Им кажавме дека тоа е казниво со закон, законот не прави дискриминација дали ќе се борите во Украина или на Блискиот Исток. Законот вели дека незаконското учество во војни во странство се казнува со затвор и истото ќе важи за сите, па и за оние кои одат во Украина“, рече Османи. 

Со исто мислење е и координаторот на Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризмот, Златко Апостоловски, кој во изјава за СДК истакнува дека учеството на граѓаните на РСМ во војната во Украина е забрането и санкционирано според Кривичниот законик. 

„Секој обид за илегално заминување во овие кризни подрачја, на државјани од Република Северна Македонија, ќе се третира исто по член од Кривичниот законик (КЗ) за учество во војска и странска полиција. Казните за тие што сега би заминале би биле исти. Кривичниот законик и санкцијата на дејствието што го постави КЗ не може да важи за некои граѓани, а за други граѓани да не важи. Со кризата во Украина исполнети се одредени предуслови како можност за одење, бидејќи самиот претседател на Украина, Володимир Зеленски, ги покани доброволците од ЕУ да се приклучат на украинската армија, со цел да се заштити Украина од руската инвазија“, рече Апостоловски. 

Според него, прекршокот се третира исто без разлика дали одат да се борат на страната на Русија или на Украина. 

Во Северна Македонија имаше неколку случаи на ова кривично дело. На 25 март 2016 година, 5 од 11 обвинети во случајот „Ќелија 1“ беа осудени на по 5 години затвор, додека оџата од Чаир Реџеп Мемиши беше осуден на 7 години затвор, за учество и паравоено организирање и регрутирање на државјани на Македонија да се борат во Сирија, на страната на „Исламска држава“. 

Акции за спречување учество во странски војни имало и во јули и август од 2016 година, но и потоа. Според Извештајот на американскиот Стејт департмент за тероризам за 2020 година подготвен од Бирото за борба против тероризмот, од 127 возрасни лица од РСМ кои престојувале во Сирија и/или Ирак, 38 се убиени, 69 се вратиле во Северна Македонија и 19 други останале на местата каде што заминале. Според практиката, сите повратници во војната беа кривично гонети од властите во земјата. 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...