fbpx

Немири во Солун на протестот на земјоделците, блокадите продолжуваат

-

Штрајковите на грчките земјоделци ескалираа со немири и со насилство на синоќешниот протест во Солун на отворањето на големиот саем за земјоделство ХЕЛЕКСПО. Повеќе од 20.000 земјоделци го окупираа просторот околу саемот во Солун, а за време на протестот дојде до турканици и до насилни пресметки меѓу демонстрантите и полицијата, поради што специјалците употребија солзавец за да се растера и смири толпата. Насилните демонстрации беа причината и да се откаже официјалната церемонија за отворање на саемот, на која требаше да присуствуваат министерот за земјоделство, Вангелос Апостолу, и градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис.

Илјадниците земјоделци што со денови ги блокираат патиштата, беа преселени во центарот на Солун и извикуваа пароли против владата, истакнувајќи дека се дојдени од секој крај на државата. Демонстрантите извикуваа дека конечно тие го отвораат земјоделскиот саем, како што и сметаат дека прилега. Беа децидни дека не планираат да се повлечат од блокадите и да останат да се борат сè додека не победат против политиката на владата. Гневот достигна до тој степен што дел од нив донесоа и мртовечки ковчег со слика на премиерот Алексис Ципрас на него.

Министерот за земјоделство Апостолу обвини дека протестите се провокација од други групи, истакнувајќи дека не може да поверува дека земјоделците, кои се работливи луѓе, би ја блокирале големата прослава за нивниот сектор.

„Земјоделците се вредни, работливи луѓе, не се луѓе кои се водат по идејата за слепи и бесцелни судири, зад кои се чини дека се кријат провокациски сили на десницата и на екстремната десница“, вели Апостолу во писмено соопштение, дополнително разгневувајќи ги демонстрантите.

По протестите во Солун, земјоделците од денеска се очекува да најават дополнително интензивирање на протестите. Продолжуваат со тактиката за блокирање на границите и на автопатиштата од 12 до 14 и 18 до 21 часот по грчко време, меѓутоа постои и можност дел од нив да преминат на повеќечасовно блокирање, без паузи и прекини. Одлуката за тоа како ќе продолжат блокадите се очекува да се донесе во текот на денешниот или утрешниот ден.

Поради блокадите, отежнато е движењето низ целата земја, а земјоделците од Атика од денеска го блокираат и патот кон атинскиот автопат „Елефтериос Венизелос“, што се очекува да создаде дополнителни проблеми за дел од домашните граѓани и за туристите.

Оцените се дека протестите нема да завршат наскоро. Се очекува да траат уште минимум две недели. Весникот „Прото тема“ пренесува дека грчката влада ќе игра на картата заморување на земјоделците и ќе ги остави да протестираат додека самите не се откажат. Наводно, се размислува и за олеснување на некои од реформите и мерките што треба да се спроведат за да им се излезе во пресрет за дел од нивните барања. Грчката влада во никој случај не размислува да праќа во моментот специјални сили или да примени други мерки кои би принудиле насилно прекинување на протестите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.