fbpx

Нема докази дека Украина му дала оружје на Хамас

Безбедносни експерти за странски проверувачи на факти велат дека Украина е во егзистенцијална битка со Русија и не е логично да продава оружје на Хамас, пишува „Вистиномер“ во својата анализа

-

Повикувајќи се на официјално соопштение  на Одбранбеното разузнавање на Украина, Украинска правда пишува дека Русија се подготвува да ја дискредитира Украина со цел да влијае на ставот на сојузниците и на снабдувањето со западно оружје. Безбедносни експерти за странски проверувачи на факти велат дека Украина е во егзистенцијална битка со Русија и не е логично да продава оружје на Хамас, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Западното оружје испорачано на Украина, заврши во рацете на Хамас во Израел. Американскиот TOW систем уништива израелски тенкови и хеликоптери. Оружјето има два краја.

Наспроти изнесеното во објавата нема докази дека оружје испратено од западните земји во Украина завршило во рацете на Хамас и дека со него се уништуваат израелски тенкови и хеликоптери.

Украинска правда пишува дека руските окупатори им предале на милитантите на Хамас трофејно оружје  произведено од САД и ЕУ, кое го заробиле за време на непријателствата во Украина.

Одбранбеното разузнавање на Украина соопшти дека Русија се подготвува да ја дискредитира Украина со цел да влијае на ставот на сојузниците и на снабдувањето со западно оружје, пишува Украинска правда.

Медиумот се повикува на официјално соопштение од Главната управа за разузнавање на Министерството за одбрана на Украина во кое се наведува:

Руските разузнавачи спроведуваат кампања за дискредитација на Украина на Блискиот Исток.

Државата агресор Русија го користи терористичкиот напад на Хамас врз Израел за голема провокација против Украина.

Главниот оддел за разузнавање на Министерството за одбрана на Украина информира дека руската страна веќе им предала на терористите од Хамас оружја заробени за време на борбите во Украина, односно трофејно оружје произведено во САД и во земјите од ЕУ.

Следен чекор, според планот на Русите, треба да бидат лажните обвинувања дека украинската војска им продава западно оружје на терористите редовно.

Во рамките на дезинформациската кампања на Кремљ, овие лаги треба да бидат основа на голем број „истраги” во западните медиуми.

За убедување, руските разузнавачки служби имаат намера да ги искористат релевантните коментари на предавникот од украинската гранична служба, постариот поручник Руслан Сировој, кој неодамна избега во Москва.

Уште една непријателска провокација е насочена кон дискредитација на вооружените сили на Украина и целосно суспендирање на воената помош за нашата земја од страна на западните партнери, се вели во објавата на Главната управа за разузнавање на Министерството за одбрана на Украина, објавена на 9 октомври годинава.

Како дополнение на наративот дека западно оружје наменето за Украина завршило кај Хамас, беше споделено видео за кое украинските власти наведоа дека е лажно. На видеото некој кој се прикажува како претставник на терористичката група Хамас, демонстрира украинско оружје и на арапски јазик тврди дека токму Украина им продавала западно оружје на терористите. Видеото трае само 12 секунди и предизвикува многу сомнежи.

Треба да се напомене дека, всушност, Украинците не би можеле да го направат тоа, бидејќи нашите западни партнери внимателно го следат оружјето и воената опрема која ни ја снабдуваат за борба против рускиот агресор. Очигледно видеото е набрзина снимено од еден од руските информативни центри. Русите на овој начин се обидуваат да се оправдаат и да создадат илузија дека не се вмешани со терористите од Хамас. Па, знаеме за средби на високи функционери на Руската Федерација со лидери и членови на терористички организации. Терористите долго време соработуваа со терористите, соопштија од Воениот медиумски центар, платформа координирана од Министерството за одбрана на Украина.

Вашингтон Пост, повикувајќи се на извори од разузнавачките кругови објави дека милитантите на Хамас го планирале ненајавениот напад врз Израел најмалку една година, со клучна поддршка на иранските сојузници кои обезбедиле воена обука и логистичка помош како и десетици милиони долари за оружје.

Иако прецизната улога на Иран во насилството во саботата останува нејасна, нападот ја одразува долгогодишната амбиција на Техеран да го опколи Израел со легии од паравоени борци вооружени со сè пософистицирани системи за оружје способни да напаѓаат длабоко во еврејската држава. Хамас, палестинска милитантна организација со седиште во Газа, која го предводеше нападот, историски одржува одреден степен на независност од Техеран во споредба со вистинските ирански прокси групи како што е Хезболах, со седиште во Либан. Но, во последните години Хамас има корист од масивни инфузии ирански пари, како и техничка поддршка за производство на ракети и беспилотни летала со напредни системи, покрај обуката за воени тактики од кои некои се случија во кампови надвор од Газа, велат официјални разузнавачки структури за Вашингтон Пост.

Потребната количина обука, логистика, комуникација, персонал и оружје, обезбедува огромен „отпечаток”, вели за Вашингтон Пост поранешниот висок оперативен офицер на ЦИА кој имаше улога во борбата против тероризмот на Блискиот Исток, Марк Полимеропулос.

Ова укажува и на иранската вмешаност, со оглед на сложеноста на нападот и го нагласува колосалниот неуспех на разузнавањето. Употребата на параглајдери потсетува на спектакуларниот напад од 1987 година на Народниот фронт за ослободување на Палестина во Израел во кој загинаа неколку војници, сигурно бара обука надвор од Газа, изјави Полимеропулос за Вашингтон Пост.

Џонатан Фајнер, заменик советник за национална безбедност на Белата куќа, во интервју за Си Би Ес Њуз рече:

Она кое можам да го кажам без сомнение е дека Иран е во голема мера соучесник во овие напади. Иран е главниот поддржувач на Хамас со децении. Им обезбедија оружје. Тие им обезбедија обука. Им обезбедија финансиска поддршка. И така, во смисла на широко соучесништво, ние сме многу јасни за улогата на Иран.

Како што се додава во текстот на Вашингтон Пост, лидерот на Хамас, Исмаил Ханијех признал во интервју лани дека неговата група примила 70 милиони долари во воена помош од Иран. Според извештајот на Стејт Департментот од 2020 година, Иран дава 100 милиони долари годишно за палестинските терористички групи, вклучително и Хамас, Палестински исламски џихад и популарниот фронт за ослободување на Палестина.

Сегашни и поранешни разузнавачки претставници потврдија дека Иран му дава техничка помош на Хамас во производството на повеќе од 4 илјади ракети и вооружени дронови лансирани во Израел од саботата. Некои милитанти на Хамас, исто така, поминале обука за напредни воени тактики, вклучително и во либански кампови во кои работат технички советници од Хезболах.

Хамас не би можел да биде ни дел од она што е, ни политички, ни социјално ни како религиозен субјект, ни како терористички и воен ентитет, без финансиската поддршка на Иран, иранското обезбедување на тренинг и оружје, изјави Метју Левит, поранешен висок службеник во Стејт департментот со фокус на тероризмот.

Проверувачите на факти на Лид Сторис дебанкираа слична дезинформација како оваа што ја рецензираме, според која самиот Хамас признал дека Украина им продала оружје.

Тобиас Борк, безбедносен експерт за блискиот исток од Ројал Јунајтед Сервисес институтот во Лондон, вели дека Украина е во егзистенцијална битка со Русија и не е логично да  продава оружје на Хамас.

Хамас има само еден поддржувач, а тоа е Иран. Хамас не е прокси на Иран, ама е партнер, вели Борк за Лид Сторис.

Рафаел Коен, политички научник во РАНД корпорацијата за Лид Сторис изјави дека е многу скептичен околу ова тврдење и дека не е веројатно Украинците да им продаваат оружје на Хамас од многу причини и ги наброја најважните.

Прво, тоа ќе ги разгневи луѓето врз кои Украина се потпира за помош, така што би било стратешки глупава одлука. Второ, им треба тоа оружје за да се бранат самите, така што не се во ситуација да почнат да дистрибуираат оружје на други места. И кога ќе се запрашате кој има интерес да пласира ваква лажна измислена сторија, ми звучи на руска дезинформација. Во смисла дека Русија има интерес  да се обиде да ги спречи доставите на оружје од Америка за Украина, вели Коен.

Поради сите горенаведени факти објавата што е предмет на оваа рецензија ја оценуваме како невистинит.

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК апелира да не им се попречува работата на новинарите за време на изборите

Државната изборна комисија (ДИК) денеска достави писмен одговор по испратената претставка од страна на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), поврзана со случајот со прекршувањата на правата на новинарката...