„Нема да се извлечете од ова“ беше напишано под фотографијата на македонскиот премиер Никола Груевски во презентацијата на еден од основачите на Партијата на пиратите од Исланд, Смари Мекарти. На конференцијата за граѓански активизам „Ингејџ“, Мекарти зборуваше за феноменот на масовното прислушување во Македонија.
– Не смеете да останете пасивни по веста дека сте следени од власта. Не треба да се чувствувате удобно со тоа бидејќи ве води кон недостиг од акција. Потоа, едноставно ќе игнорирате – рече Мекарти.
Пиратската партија во Исланд има три пратенички места. Мекарти рече дека се борат за обични, секојдневни работи, како предлози сите невработени да бидат платени од државата до одреден износ. Бараат и декриминализација на дрогата. Партијата бара референдум за влез во ЕУ, иако мнозинството граѓани на Исланд се против. Пораката на Мекарти беше: „Направете нешто за да решите некој проблем“.
Ѕвезда на конференцијата е Питер Сунде, еден од основачите на страницата за слободна размена на податоци „Пајрат беј“ (The Pirate Bay). За Македонија имаше впечаток дека е земја која сака да го врати минатото преку старите работи.
– Не се обидувајте да го копирате Западот. Наместо тоа, направете нешто свое. Бидете подобри од Западот. Македонија никому не му е важна. Ние поминуваме пекол со цензурата, вие сè уште сте слободна земја, искористете го тоа – порача Сунде.
Во првиот дел од конференцијата во организација на МОФ, импресивен беше настапот на новинарот Томислав Кежаровски, кој зборуваше за неговата борба со системот, за материјалите за Никола Младенов и за искуството од затворот.
Активистот Павле Богоев направи своевиден јавен прирачник за протести и за главните пречки од системот и од полицијата.
Конференцијата продолжува со панел-дискусија на професорскиот и на средношколскиот пленум.