fbpx

Нелегалната миграција на рекордно ниво во Германија, опозицијата бара широка коалиција

Германската федерална полиција минатиот месец евидентирала 21.366 бегалци кои нелегално влегле во земјата - што е двојно повеќе од јули, кога во Германија влегле 10.714

-

Бројот на нелегални бегалци кои пристигнуваат во Германија се очекува годинава да биде поголем од било кога претходно од периодот кога започна мигрантската криза во 2016 година, покажуваат официјалните податоци објавени од германските власти, пишува германската новинска агенција ДПА.

Германската федерална полиција минатиот месец евидентирала 21.366 бегалци кои нелегално влегле во земјата – што е двојно повеќе од јули, кога во Германија влегле 10.714.

Ова е највисока месечна бројка од февруари 2016 година, кога беа регистрирани рекордни 25.650 лица. Оваа година, по врвот на бегалската криза предизвикана од граѓанската војна во Сирија, речиси 112.000 луѓе дојдоа во Германија без потребните дозволи.

2023 е година која е на пат да ги надмине овие бројки, со 92.119 случаи регистрирани од јануари до септември годинава.

Темата станува сè поконтроверзна во последните месеци додека германската влада ја обликува својата нова миграциска политика.

Последните бројки за нелегалната миграција беа објавени еден ден откако лидерите на трите партии од владејачката коалиција во земјата се состанаа во Берлин за да расправаат за ова прашање.

„Мораме да ги депортираме во големи размери оние кои немаат право да останат во Германија“, изјави канцеларот Олаф Шолц за „Шпигел“ пред средбата.

Според Шолц, потребни се „цел пакет мерки“ за ограничување на нерегуларната миграција, вклучително и подобра заштита на надворешните граници на Европската Унија и построга контрола на границите на Германија со соседните земји на ЕУ.

Сепак, Германија мора да продолжи да ги пречекува бегалците кои имаат право на азил поради политички прогон или други легитимни причини, рече Шолц, а исто така мора да привлече повеќе имигранти со вештини кои ги бара економијата.

Наспроти германскиот канцелар, опозицијата во земјата повикува на широка коалиција меѓу демохристијаните и социјалдемократите за да се реши прашањето со нелегалната миграција.

Баварскиот премиер Маркус Зедер го повика канцеларот Шолц да ги исфрли од владејачката коалиција Партијата на зелените и Либералната партија ФДП и да формира голема коалиција со конзервативните ЦДУ/ЦСУ, пренесува ДПА.

Зедер вели дека во сегашната влада, особено Зелените, имаат идеолошка кочница за поостар настап кон нелегалната миграција. На Германија и треба суштински чекор кон миграциската политика, наместо умерени решенија.

Баварскиот премиер предлага базична заштита на германската граница, со можност за враќање на луѓе од самите гранични премини со соседните земји. Германија треба да ја намали социјалната помош за мигрантите, а паричната помош да ја замени со стоки. Зедер смета дека државите од Магреб, односно од Северна Африка, треба да бидат прогласени за безбедни, со што на нивните државјани автоматски ќе им биде скратено правото за да поднесуваат барања за азил во Германија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Одбележани 121 година од смртта на Гоце Делчев

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Сиљановска Давкова положија цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св.Спас“, по повод 121 годишнината од неговото загинување. „Никој нема право да се...