Фото: Арбнора Мемети

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, во периодот од 4 до 10 јануари 2021 година, тестирани биле вкупно 13.022 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, што претставува зголемување од 20,8 отсто во однос на минатата недела, информираат од Министерството за здравство.

Регистрирани се 2.471 нови позитивни случаи од 34 градови во државата, со зголемување од 6,1 отсто во однос на минатата недела. Сепак, процентот на позитивни од тестирани во споменатиот период е намален на 19 отсто. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Берово.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години ( 25,2 отсто). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 40-49 (19 отсто), 50-59 (18,4 отсто), 30-39 (18,4 отсто) и 20-29 (13,4 отсто). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (1,6 отсто) и 10-19 години (4 отсто).

По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 4.460 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е 14,8 отсто повеќе во споредба со минатата недела.

Во периодот на известување, пријавени се 74 смртни случаи од ковид-19 од 24 града, со намалување од 20,4 отсто во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 64 лицa биле над 60 години, 7 лица на возраст од 50-59 години и 3 лица на возраст од 40-49 години.