Неделава родителите ќе имаат по 20 евра на сметка за нивните деца

Во меѓувреме, МОН објави нов повик за финансиска поддршка за учениците од основните и средните училишта, на кој можат да се пријават сите родители на ученици кои немаат месечни семејни примања повисоки од 50.000 денари

фото: Порталб.мк

Во следниве неколку денови ќе започне исплатата на парите наменети како финансиска помош за основците и средношколците во државата, потврдија од Министерството за образование и наука (МОН) за Мета.мк.

„Сите родители/старатели кои имаат доставено документи и ги исполнуваат условите за остварување на правото, во следните неколку денови ќе добијат пари на своите трансакциски сметки“, информираат оттаму.

Оние родители кои ќе бидат одбиени, за тоа ќе бидат известени од училиштата и ќе имаат можност да поднесат жалба (во самото училиште каде што се запишани децата).

Голем беше интересот кај родителите за добивање финансиска помош, откако МОН го објави јавниот повик, а поради преоптовареност, веб-страницата се отвораше со потешкотии. Имаше реакции дека рокот за поднесување документи е прекус.

Право на овие средства имаат сите деца чии семејства имаат вкупни месечни приходи од 50.000 денари нето-плата. Правото на помош од 1.200 денари за основци, односно 1.800 денари за средношколци им следува и на учениците од приватните училишта кои имаат верификација за работа од МОН.

Во меѓувреме, МОН објави нов повик за финансиска поддршка за учениците од основните и средните училишта, на кој можат да се пријават сите родители на ученици кои немаат месечни семејни примања повисоки од 50.000 денари. Рокот за пријавување е продолжен поради зимскиот распуст и трае до 16 јануари.

Оние родители кои веќе аплицираа во декември, нема потреба сега повторно да поднесуваат документи.

„Основците и средношколците што се пријавиле на првиот повик минатиот месец, не
треба повторно да конкурираат. Исплатата на паричната поддршка по првиот јавен повик ќе се изврши во следните неколку дена. Учениците од основните училишта ќе добијат 1.200 денари месечно а средношколците 1.800 денари. Оваа помош е дел од деветтиот пакет антикризни мерки на Владата, со цел да се обезбедат подобри материјални услови за учениците на кои им е потребна социјална заштита во услови на повеќе испреплетени кризи“, наведено е во соопштението на МОН.

Овој ист јавен повик ќе се објавува секој нареден месец, заклучно со месец мај.