fbpx

Не постојат полициски командири фатени зашто наредувале казни за неносење маска, освен во фантазиите на Кју анон

-

Постот што го рецензираме  шири дезинформации и има конспиративен призвук што произлегува од употребата на буквата „Q“ (кју) на крајот од објавата – препознатлив симбол на Кју анон теоријата на заговор. Нафрленото тврдење во постот дека присилното носење маска е кривично дело,  не е точно. Носењето маска во одредени периоди на пандемијата беше задолжително, дури и на отворен простор. Но, никој не можеше да присили никого да носи маска. Арно ама, ако некој не носеше маска ризикуваше да биде прекршочно казнет во висина на 20 евра. Прекршочни санкции изрекуваше МВР, но за такви највообичаени прекршоци нема потреба командири да ставаат потписи, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

Сите командири кои наредија казна за маска, го има нивниот потпис како доказ. 

Присилно носење маска е кривично дело.Фатени се сите. 

Q

Најнапред за Кју анон теоријата на заговор, чиј препознатлив симбол којшто нејзините поддржувачи го демонстрираат како кодна ознака, е буквата „Q“ (кју) – што ја има и на крајот од постот што го рецензираме. Кју анон е термин за сет конспирации кои инсинуираат дека светот е воден од кабала на поддржувачи на сатаната и педофили. Поддржувачите на Кју Анон веруваат дека меѓу кабалистичките или сатанистички елити се водечки демократи во САД, како Џо Бајден, Хилари Клинтон, Барак Обама и Џорџ Сорос, како и бројни холивудски ѕвезди како Опра Винфри, Том Хенкс, Елен, но и религиозни лидери како папата Франциск и Далај Лама. Многу од нив исто така веруваат дека членовите на групата наводно злоупотребуваат деца, како и дека ги убиваат за  од нив да извлечат супстанца адренохром, која ја претставуваат како еликсир на младоста.

Според Кју Анон, поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, бил регрутиран од топ воени генерали за да се кандидира за претседател во 2016 година за да ја побие оваа конспирација на групата, и за да ги доведе сите нејзини одговорни пред лицето на правдата. Многу од овие „членови на кабалата“, со години се најавува дека ќе бидат затворени од страна на поддржувачите на Кју Анон, а други ќе се соочат со воени трибунали и ќе бидат егзекутирани.

Тоа е краткиот опис на Кју Анон направен од Њујорк Тајмс.

Сите наводни сознанија од Кју Анон се постираат на социјалните мрежи под псевдонимот Кју (како и во постот што го рецензираме). Идентитетот на Кју не е познат, иако за него со години има шпекулации. Некои шпекулираат дека интернет трол цело време постира како да е Кју,  други велат дека повеќе луѓе се вклучени и постираат под псевдонимот Кју и дека неговиот идентитет се менува со времето.

За време на пандемијата со ковид-19, Кју анон во својот широк дијапазон теории на заговор ги вклучи и маските и вакцините. За ова сме пишувале многупати. Поддржувачите на ова онлајн движење почнаа да инјектираат дезинформации во медиумскиот простор кои имаа за цел да го обесхрабрат населението да не се вакцинира, а како причина за тоа наведуваа низа бизарни и опасни неаргументирани тврдења. 

Документирано во повеќе наврати е дека поддржувачите на Кју анон пропагираат неносење маски. 

И во постот што го рецензираме, се споменува дека „сите командири кои наредија казна за маска, а чиј потпис е документиран, се фатени“  (и со доза на консприација на крајот се додава ознаката „Q“).

Ова тврдење е и нејасно и неаргументирано. Во времето кога во С. Македонија беше задолжително носењето маска, прекршочни санкции изрекуваше МВР, но за такви највообичаени прекршоци нема потреба командири да ставаат потписи. Нафрленото тврдење дека присилното носење маска е кривично дело, не е точно. Носењето маска во одредени периоди на пандемијата беше задолжително, дури и на отворен простор. Сепак, никој не можеше да присили никого да носи маска. Арно ама, ако некој не носеше маска ризикуваше да биде прекршочно казнет. Не постои „присилно носење маска како кривично дело“, ниту пак, се фатени некакви командири. За неносење маска беше предвидена парична казна од 20 евра. На 12 април 2022 година Владата го укина задолжителното носење маски и во затворени простории. Исклучок се само здравствените установи, јавниот превоз, аптеките и домовите за возрасни лица и лица со попреченост.

Во постот што го рецензираме, којшто е доста конспиративен, всушност, се крие дезинформација. Контрадикторно е да се тврди дека во време кога во земјава или каде било во светот, на сила била мерка за задолжително носење маска, тој што го спроведувал тоа вршел кривично дело.

Поради сите горенаведени факти, постот што го рецензираме, го оценуваме како невистинит.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...