Трејлери за игри што треба да излезат годинава: Wolf Among Us 2, Horizon Call of the Mountain и Warhammer 40,000: Space Marine 2

Wolf Among Us 2 превземено од Taletale
Wolf Among Us 2 / преземено од „Telltale“

Прикажуваме трејлери и кратки описи за некои од најочекуваните видео-игри што треба да излезат во 2023 година.

Wolf Among Us 2

Првиот дел од оваа игра беше еден од почетните од „Тејтел“ серијалот што се издвојуваше меѓу најдобрите. Во основа, се работи за детективска приказна каде ликовите од бајките се прикажани како сосема различни карактери во околности на мрачна фантастика и хорор. Главниот лик е Волкот којшто е и детектив, додека другите ликови од приказните се прикажани во сосема различно светло. Најавата на вториот дел од оваа игра што треба да излезе годинава (2023) беше навистина добро пречекана од гејмерите од целиот свет. Волкот потсетува на ликови од стрипови како Вулверин од Икс-мен, Макс Пејн, Џон Константин и други, но сепак и гејмплејот е доста добар бидејќи акцијата се базира на квик-тајм-настани, односно за кратко време треба да притиснете одредено копче со кое, на пример, би блокирале удар и потоа друго за да возвратите удар, и слично. Комбатот потсетува малку и на Боречкиот клуб во Witcher 2 којшто исто така беше со квик-тајм-настани. Иако има огромна пауза откако излезе последната „Тејлтел“ игра и некое време воопшто и немаше вакви игри од истите девелопери, гејмерите се радуваат на веста дека ваквиот тип на игри се враќа на сцена. 

 

Horizon Call of the Mountain

„Horizon“ игрите се доста популарни во последно време, но овој трејлер е за ВР верзија за „Плејстешн“. Успехот на првата и втората игра се должи на оригиналноста на играта каде во постапокалиптична атмосфера Земјата е обновена со природа и има нов тип на диносауруси кои се самосвесни роботи, но се програмирани како да имаат животински мозок. И акцијата и приказната се впечатливи и се игра со женски лик. Но, во ВР верзијата се очекуваат и многу други новитети. Графиката ќе биде максимално подобрена како и кај сите ВР игри што допрва треба да излезат, а гејмплејот ќе бара и физички ангажман како оптегнување стрели, местење самострели и фрлање на копје, сето тоа со вистински потези со раце. Да се надеваме дека ваквата технологија како ВР за „Плејстејшн“ ќе биде подостапна и поевтина во иднина, затоа што денес купувањето на „Плејстејшн 5“ уште преставува луксуз за повеќето гејмери. 

Играта треба да излезе на 22 февруари, но уште сега може да се направи и нарачка со која ќе добиете бонуси, како што е обично случајот со предвремено нарачување и плаќање.

 

 Warhammer 40,000: Space Marine 2

Вториот дел од оваа игра е во најава и беше најавен на Game Awards 2022. Погрешно е да се мисли дека маринците од оваа игра имаат потекло од Маринците од Старкрафт затоа што, всушност, е обратно. Но, книгите што ви ги препорачуваме, а кои исто така се за „Space Marine“ ликови се Starship Troopers од Роберт А. Хинлин којшто е и автор на познатата „Stranger in a Strange Land“, книга што ја нарекуваат “Библија за Хипиците”, иако е научна фантастика. А доколку ве интересира пародија и хумор на тема „Space Marine“ би ви ги препорачале книгите “Бил херојот на Галаксијата” од Хари Харисон. Исто така постојат и книги за Ворхамер што можат да се купат во “Академска Книга” во Скопје.

Фановите на Warhammer, знаејќи ја целата позадина на најдобрата друштвена игра со минијатури што опстанала повеќе од 30 години и има многу реализации во форма на видео игри, со нетрпение ја очекуваат најновата игра Warhammer 40 000 Space Marine 2. А, допрва и станува привлечна и за оние кои воопшто не се запознаени со Warhammer. Исто така, овој универзум го популариза и актерот Хенри Кавел, прославен по улогите на Супермен и Вичер, и кој ги напушти тие две франшизи за да прави серија преку Амазон во “Ворхамер Универзумот” под негова тотална креативна контрола, и како продуцент и како актер во серијата.

Македонскиот експерт за оваа игра Ристо Манасиев, кој на интернет е познат под прекарот „HalfElfPaladin“, има одлични обемни објаснувања за позадината на Ворхамер во написи за „GG.MK“, од кои можете првиот и последователните да ги најдете на следниот линк.