fbpx

Не постои никакво сценарио за замолчување на Палчо и „Десна“

Целата објава изнесува тврдења кои не се засновани на никакви докази, туку исклучиво на произволни изјави и толкувања

-

Целата објава изнесува тврдења кои не се засновани на никакви докази, туку исклучиво на произволни изјави и толкувања. Објавата има за цел да манипулира со јавноста и да го испере од одговорност првоосомничениот за убиствата, Љупчо Палевски-Палчо. Тврдењето дека некој нешто исценирал за да го замолчи Палчо и неговата партија Десна, се само производ на бујна фантазија. За случајот ќе има судски процес во кој ќе се изнесат сите детали, а на Палчо му стојат на располагање сите правни средства за заштита, кои законски му припаѓаат на секој граѓанин, пишува Вистиномер.мк.

 

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Анализираме објава на Фејсбук која изнесува низа манипулативни тврдења во врска со убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес.

Откако експресно и триумфално,, ОСОМНИЧЕНИ,, беа прогласени за убици и монструми од надлежните институции на државата само врз основа на признание на дел од ОСОМНИЧЕНИТЕ, следи гласен МОЛК од истите институции иако на лугето не им е јасно ништо. Нема одговор од турските истражни органи(или барем ние лугето немаме информации за такво нешто) кои веднаш по приведувањето на Палчо побараа материјални докази а не само приказни. Замреа заканите, барем привидно, за дерегистрација на,, ДЕСНА која е регистрирана од над 1300 основачи воглавно Македонци, луге кои немаат врска со никакви убиства. Нивната вина е дека биле против Нато и ЕУ и што се против власта и опозицијата па требало да се замолчат. Единствено има тивка гласност кај народот кој после шокот од грзоморните убиства на дете и старец се соземам и буди и се погласно се сомнева во вистината која ја пласираа институциите и нивните платени медиуми(нивната ВИСТИНА) и почнува да размислува логично и рационално. Доколку вистината на институциите кои го,, водат, овој случај е ВИСТИНА односно убиец и монструм е Палчо, тогаш имаме институции и држава со кои можеме да се гордееме сите. Ако нивната вистина е ВИСТИНА тогаш секоја чест! Но што доколку не го докажат тоа односно се докаже дека нивната ВИСТИНА е лага??!!!! Дека убиец или убици се некои други а не Палчо???!! Што тогаш?!, се вели меѓу другото во објавата.

Прво, на самиот почеток, објавата тврди дека осомничените за убиството биле прогласени за виновни само врз основа на признание на дел од осомничените. Ова не е точно. Шефот на Скопското јавно обвинителство, Гаврил Бубевски, на 12 декември 2023 година потврди дека материјалните докази кои ги има обвинителството во врска со убиствата, одговараат со исказите на осомничените.

Материјалните докази зборуваат со истиот јазик со којшто зборуваа и осомничените. Во однос на фактите коишто произлегуваат од целокупниот доказен материјал конечно ќе се произнесеме, нормално, со обвинение, рече Бубевски, а пренесе Гласот на Америка.

Понатаму, извештајот од судска медицина за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска, на 22 декември 2023 година, како што јави Телма, бил испратен во Основното јавно обвинителство.

Сите добиени анализи за смртта на девојчето по направената обдукција се испратени кај обвинителот кој ја води истрагата за овој предмет, потврдиле од ОЈО Скопје за Телма. Оттаму, дополнителни информации околу извештајот не даваат, бидејќи истрагата сè уште е во тек, додава телевизијата во својот извештај.

 

Нема молк од турските институции

Второ, во објавата се тврди дека има молк од институциите и од турските истражни органи. И ова тврдење во објавата не е точно.

Првоосомничениот за убиството на Вања и Панче, Љупчо Палевски-Палчо е во притвор во Турција од каде македонските институции чекаат негова екстрадиција.

Љупчо Палевски беше уапсен на 6 декември 2023 година во градот Баликесир во Турција. Министерството за правда, еден ден подоцна, на 7 декември 2023 година, го испрати барањето за негова екстрадиција.

Oригинал документ е испратен по ДХЛ до Министерството за правда на Република Турција, а во скенирана верзија е пратен и до Интерпол. Очекуваме соработка со правосудните органи на Република Турција, навремено процесуирање и постапување од нивна страна во најкус можен рок, соопшти тогаш Министерството за правда, пренесе „360 степени“.

Министерството за правда, на 29 декември 2023 година, повикувајќи се на соопштение од Републичкото јавно обвинителство Баликесир, Турција, информираше дека на Палевски му бил одреден привремен затвор во траење од 40 дена во затворот во Баликесир.

Во дописот од Републичкото јавно обвинителство Баликесир – Турција информираат дека на лицето Љупчо Палевски, кој со потерница беше уапсен за кривично дело – намерно убиство на дете, согласно Законот 6706 член 14 , со цел да се обезбеди екстрадиција на лицето во наведената земја (РСМ), согласно член 16 од Европската конвенција за екстрадиција на криминалци, му е одреден привремен затвор во траење од 40 дена, информираа од македонското Министерство за правда, пренесе Мкд.мк.

Претходно, на 27 декември 2023 година, министерот за правда, Кренар Лога, во изјава за медиумите, прашан до каде е процесот за екстрадицијата на Палевски, првоосомничен за двојното убиство, рече дека нема нова информација околу тоа и дека ако има нова информација таа ќе биде навремено споделена со јавноста.

Досега немаме никаква информација дополнително да ја споделуваме со вас. Кажавме и минатиот пат на прес-конференција и со премиерот, кога и да имаме тоа ќе биде споделено со јавноста и со вас, изјави Лога, пренесе Независен.

Значи, ниту нашите институции, ниту турските истражни органи молчат во врска со случајот и со приведувањето на првоосомничениот, како што тврди објавата.

 

Палчо не се гони зашто бил против НАТО и ЕУ, туку зашто е осомничен 

На крајот, во објавата се прави манипулација, при што се тврди дека убиствата биле исценирани од власта, со цел да се затвори Палевски и неговата партија Десна, бидејќи, „нивната вина е дека биле против Нато и ЕУ и што се против власта и опозицијата па требало да се замолчат“.

Никој не исценирал ништо против Палевски, а најмалку убиство. Ваквото тврдење е неосновано и има за цел само да го оправда првосомничениот во случајот, Палевски. Веќе напишавме погоре дека освен искази на другите осомничени, обвинителот Бубевски изјави дека постојат и материјални докази за убиствата со кои се поврзуваат осомничените.

Палевски има право на жалба, има право на адвокат, има право на сите постапки, како и сите други државјани на С. Македонија кои се во процес на екстрадиција од Турција (меѓу кои и да побара азил) итн. Оттаму, за него ништо во постапката не се прави поинаку, споредено со другите граѓани, за да се тврди дека некој нешто намерно прави за да му се наштети на него.

Доколку Палевски се соочи со судска постапка, тоа ќе се случи во С. Македонија, а не во Турција. Дури и Турција да не го екстрадира, судската постапка ќе се води во С. Македонија.

Како што посочи министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, докази против Палевски ќе бидат камерите од Сејф Сити кои се обезбедени.

Доказот и потврдата ќе бидат 70-тината камери коишто се извадени, нивните записи, коишто се вештачат и се доставени и се доставуваат до Јавното обвинителство и над 50 снимки коишто се извадени од „Сејф сити“. Сето тоа кога ќе се изанализира, ќе се потврди и ќе се знае во детали секоја поединост во целиот овој случај, сите овие аспекти – времето, траекторијата – ќе се утврдат низ таа легална постапка – изјави министерот Спасовски.

Што се однесува до партијата Десна на Палевски, чии што членови се и другите осомничени за убиството на Вања и Панче, министерот Спасовски рече дека се истражуваат сите детали и дека во ниту еден момент нема да се остави некоја индиција да не биде истражена.

Преку правење на политики, политиканство, коалиции, договори и влијанија од надвор сакале да направат дестабилизација. Мирот, стабилноста, сигурноста не може никој да ги загрозува. Вакво криминално гнездо како што е направено мора да се разбие до крај. Такви политички партии, кои со не знам какви провиненции ги правеа, како што е оваа мора да е дерегистрирана, рече Спасовски.

Палевски не е уапсен затоа што бил против НАТО и ЕУ и против власта и опозицијата, туку затоа што има докази против него дека е вмешан во две убиства. Исто така, Спасовски не повика на дерегистрација на партијата Десна поради нејзината вина дека е против НАТО и ЕУ и што е против власта и опозицијата, како што се тврди објавата, туку затоа што нејзини членови сакале да направат дестабилизација во државата. Секако, за тоа да се направи, односно за да се дерегистрира партијата, ќе мора да бидат обезбедени докази, како што посочија од обвинителството, дека таа повикува на насилно уривање на уставниот поредок, поттикнува или повикува на воена агресија или разгорува национална, расна или верска омраза. Според обвинителството, треба да има кривична постапка која, доколку обезбеди докази, тогаш би почнала постапката за забрана и гаснење на партијата, пред граѓанскиот суд.

Целата објава изнесува тврдења кои не се засновани на никакви докази, туку исклучиво на произволни изјави и толкувања. Објавата има за цел да манипулира со јавноста и да го испере од одговорност првоосомничениот за убиствата, Љупчо Палевски-Палчо. Факт е дека за случајот се води истрага, обезбедени се материјални докази, како и изјави од осомничените кои се во притвор, има и обдукциски извештај кој ќе покаже кога и како настанала смртта на Вања. Палчо е во Турција и за него е отпочната постпака за екстрадиција, а колку таа ќе трае, не може никој со сигурност да каже, бидејќи постојат процедури кои мора да се запазат. За случајот ќе има судски процес во кој ќе се изнесат сите детали, а на Палчо му стојат на располагање сите правни средства кои ги има секој граѓанин. Поради сето ова, објавата ја оценуваме како невистинита.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Стејт департмент: Разочарани сме што две санкционирани лица беа предложени за функции во Владата на Србија

„Ние сме разочарани што гледаме две санкционирани лица номинирани за позиции во новата влада“, вели портпаролот на Стејт департментот во писмена изјава за Гласот на Америка на српски јазик....