fbpx

Не купувајте на Интернет ако не ви издадат фискална сметка, апелираат во Пазарниот инспекторат

-

Кога купуваат онлајн, граѓаните најчесто се жалат на лоши искуства во поглед на квалитетот на производите, неможноста за вршење замена на производите, достава надвор од утврдениот рок, неможноста да се оствари повторен контакт со продавачот заради блокирање на страницата, велат во Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).

Оттаму апелираат граѓаните да бидат внимателни, односно пред да извршат онлајн нарачка, да ги проверат контакт податоците и останатите податоци за компанијата или лицето кое ги продава производите.

„Често се случува производите да се различни кога ќе пристигнат кај граѓаните, отколку оние претставени на фотографијата. Проблем е и неиздавањето на фискални сметки, фактури или гарантен лист при доставувањето на производите. Заради ваквите негативни искуства во изминатиот период, граѓаните интензивно пријавуваат онлајн измами, особено кога станува збор за производи кои се продаваат преку користење на социјалните мрежи“, велат во Инспекторатот.

Пазарните инспектори може да постапат само ако пријавата е поднесена за трговец кој е регистриран и издава фискална сметка, бидејќи фискалната сметка служи како доказ.

„Ако трговецот за кој се однесува пријавата не е регистриран ние како институција,
немаме надлежност да постапуваме. Најчесто оние кои продаваат преку
социјалните мрежи не се регистрирани, па заради тоа е невозможно да се
пронајдат ниту пак да се постапи во согласност со поднесената пријава“, појаснуваат во ДПИ.

Кога граѓаните вршат нарачки од меѓународни веб-продавници, во ДПИ потенцираат дека немаат надлежност над други меѓународни пазари.

„ДПИ е надлежен за онлајн измами според Законот за е-трговија и тоа според член 7, односно за да може да постапи, трговецот треба да е регистриран на адреса поинаква од домашната, бидејќи пазарниот инспекторат нема надлежност да врши надзор во домашен односно приватен имот“, велат оттаму.

Онлајн трговците треба да имаат име на фирма, седиште на правното лице, давател на услугата или адреса ако е физичко лице, податоци за давателот на услугата врз основа на кои примателот на услугата може на директен и ефикасен начин да стапи во контакт со него. Потребни се и податоци за институцијата кај која е регистриран давателот на услугата, професионалниот назив и земјата во која е стекнат тој назив,
упатување на професионалните правила во земјата во која ја врши дејноста и
начинот на пристап до нив.

„Ако давателот на услуги на онлајн услуги ги наведува цените на производите и услугите, тие треба да бидат наведени јасно и недвосмислено, особено треба да се наведе дали во нив се вклучени трошоците на испорака, даноците и манипулативните трошоци кои имаат влијание на наведената цена“, информираат во ДПИ.

При онлајн купувањето, граѓаните треба да ги заштитат своите лични податоци
и да не го примаат производот без да им биде издадена фискална сметка
или фактура. Ако има каков било сомнеж или е извршена директна
измама, веднаш да пријават во Инспекторатот.

„Во следниот период планираме интензивни активности кои ќе ги опфатат сите засегнати страни кои би можеле да придонесат за намалување на ваквиот вид
измами. Преку комуникативен и едукативен пристап граѓаните ќе бидат
дополнително информирани со цел да се спречат онлајн измамите со кои се
сретнуваат во процесот на е-купување“, додаваат оттаму.

Мета, лани на 2 ноември пишуваше дека Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ), дневно добива и по четири претставки за измами преку Фејсбук продажби. Како што тогаш објасни Татјана Тасевска од ОПМ, луѓето немаат проблем кога купуваат во било која продавница која е регистрирана и постои и физички, бидејќи во таков случај на легален начин си плаќаат со картичка и си добиваат сметка за купената стока.

„Но, проблем има со Фејсбук продажбата и Инстаграм подажбата и сето она што оди на социјални мрежи, каде најчесто зад тие профили стои некое физичко лице, а не правно лице“, рече таа.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...