fbpx

Не е вистина дека вакцините за грип убиваат луѓе

-

Во објавата се изнесени неточни тврдења, тие освен што се субјективни, базирани на немедицински пристап и без никакви докази, претставуваат опасност и се штетни за јавното здравје. Според Светската здравствена организација (СЗО), вакцинацијата е најефективниот начин за спречување на инфекција и тешки исходи предизвикани од вируси на грип. Ризиците од несакан настан по вакцинацијата против грип се многу поретки отколку компликациите поврзани со самиот грип, а несаканите настани се генерално локализирани и благи, велат од Европскиот центар за превенција и контрола на болести, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Преку Фејсбук објава се тврди дека вакцините за грип убиваат луѓе. Ова е неточно. Вакцините за грип спасуваат илјадници животи секоја година, а оваа објава предизвикува опасност по јавното здравје.

12.11.2022

ВАКЦИНИТЕ за грип убиваат луѓе.

Ние само си ја работиме нашата работа! Ние само си ја работиме нашата работа! Дури, згора на тоа, знаеме дека овие БОЦКИ убиваат луѓе, но што ни е гајле!!!!”

Па нема да се случи – што ви е гајле – ќе изгорите во пеколот, проклети!!!

Луѓе, ова мора да го сфатите крајно сериозно!! Имаме работа со крајно ЛАДОКРВНИ УБИЈЦИ !!!

ГЕНОЦИДИ, проклети да сте!!!

Гробар Џон Олуни, „вакцините“ против грип убиваат луѓе !!!

На објавата прикачено е видео од човек кој тврди дека многу луѓе умираат набрзо откако ќе примат вакцина за грип и раскажува како советувал старо лице, кое го сретнал во аптека, да не се вакцинира. Притоа оваа објава и ова видео, без никакви суштински и начни докази, се споделува на социјалните мрежи каде што може да влијае врз размислувањата и одлуките на голема група на луѓе.

Грипот (инфлуенца) е потенцијално сериозна болест која може да доведе до хоспитализација, а понекогаш дури и до смрт. Секоја сезона на грип е различна, а грипот може да ги погоди луѓето различно, но за време на типичните сезони на грип, милиони луѓе добиваат грип секоја година, стотици илјади луѓе се хоспитализирани и илјадници до десетици илјади луѓе умираат од причини поврзани со грип.

Компликации од грип може да вклучуваат бактериска пневмонија, инфекции на увото, инфекции на синусите и влошување на хронични медицински состојби, како што се конгестивна срцева слабост, астма или дијабетес. Годишната вакцина против сезонски грип е најдобриот начин да се намали ризикот од добивање грип и која било од неговите потенцијално сериозни компликации. Вакцинацијата има многу придобивки, вклучително и намалување на ризикот од грип, хоспитализација, па дури и ризик од смрт поврзана со грип. Додека некои луѓе кои добиваат вакцина против грип сè уште може да се разболат од грип, во неколку студии се покажа дека вакцинацијата против грип ја намалува сериозноста на болеста.

Вакцините против грип предизвикуваат развој на антитела во телото околу две недели по вакцинацијата. Овие антитела обезбедуваат заштита од грип.

Вакцините за сезонски грип се дизајнирани да заштитат од вирусите на грип за кои истражувањата покажуваат дека ќе бидат најчести во текот на претстојната сезона.

Некои помали несакани ефекти што може да се појават при вакцинација против грип се: болка, црвенило и/или оток на местото каде што е примена вакцината, главоболка, треска, болки во мускулите, гадење и замор.

Според Светската здравствена организација (СЗО), вакцинацијата е најефективниот начин за спречување на инфекција и тешки исходи предизвикани од вируси на грип.

Развојот и производството на вакцини против грип, планирањето на нивните набавки и употреба, како и обезбедувањето на други соодветни ресурси за здравствена заштита се суштински компоненти на сеопфатен одговор на сезонски и пандемски грип.

Ризиците од несакан настан по вакцинацијата против грип се многу поретки отколку компликациите поврзани со самиот грип, а несаканите настани се генерално локализирани и благи, велат од Европскиот центар за превенција и контрола на болести.

Несаканите реакции се почести кај децата кои претходно не биле изложени на вакцина или вирус отколку кај возрасните. Придобивките од вакцинацијата значително ги надминуваат ризиците.

Според д-р Каролин Браун од СЗО/ Европа, секоја година околу 500.000 луѓе во светот умираат поради компликации од грип. Околу 10 отсто од овие смртни случаи се во Европа. Во изминатите 10 сезони на грип пред пандемијата со ковид-19, ЦДЦ проценува дека во просек вакцинацијата во САД спречила повеќе од 5 милиони заболувања, над 70.000 хоспитализации и 6.000 смртни случаи секоја сезона.

Од Министерството за здравство велат вакцинацијата против сезонскиот грип во нашата држава е незадолжителна, односно по желба на граѓанинот. Вакцинација против сезонски грип за 2022/2023 година е бесплатна за стари лица (над 65 години), лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и деца на возраст од 6 месеци до 5 години.

Ваквите неточни тврдења искажани во објавата освен што се субјективни, базирани на немедицински пристап и без никакви докази, претставуваат и опасност и се штетни за јавното здравје.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...