fbpx

Наместо на свечена заклетва во Собрание, новиот член на Судскиот совет Георгиев даде оставка

Оставката ја даде за да му отвори пат на синот Кирил Георгиев да биде избран за кривичен судија, откако деновиве дел од колегите во Советот му укажале дека согласно Законот за судовите близок роднина на член на Судскиот совет не може да биде избран за судија

-

Наместо денеска да ја даде свечената заклетва во Собранието, новоизбраниот член на Судскиот совет, врховниот судија Наќе Георгиев, чиј избор беше оспоруван од стручната јавност, даде оставка од позицијата.

Оставката ја даде за да му отвори пат на синот Кирил Георгиев да биде избран за кривичен судија, откако деновиве дел од колегите во Советот му укажале дека согласно Законот за судовите близок роднина на член на Судскиот совет не може да биде избран за судија. Пред седницата, Георгиев ја даде оставката, а неговиот син беше избран за судија во Основниот Кривичен суд Скопје.

Членката на Судскиот совет и поранешна претседателка, Весна Дамева рече дека ѝ е мило што до Наќе Георгиев допрел нејзиниот и ставот на некои нејзини колеги дека ако не поднесе оставка ќе го прекршат законот.

Свечената заклетва во Собранието како новоизбран член на Судскиот совет Георгиев требаше да ја даде заедно со судијката Антоанета Димоска, но заклетвата беше одложена за 14 часот. Неофицијално, намерата била прво синот на Наќе Георгев да биде избран за судија, а потоа тој да ја даде заклетвата, но тројца членови, како што објавуваат медиумите, Ивица Николовски, Мери Радевска и Весна Дамева го разубедувале Георгиев дека веќе е член на Советот и треба да си поднесе оставка, зашто не е законски татко да избира син за судија.

Георгиев оставката утрово ја поднел писмено и навел дека е од лични причини, без образложение, а Советот само ја констатираше на денешната седница.

Изборите за двајца нови членови на Судскиот совет се одржаа на 14 јули годинава.

Врховниот судија Наќе Георгиев освои само шест гласа од вкупно 16 врховни судии, а беше единствен кандидат од редовите на врховните судии, додека судијката од Граѓанскиот суд во Скопје Антоанета Димовска со 110 освоени гласови го победи конкурентот – претседателот на кавадаречкиот суд Лазар Нанев.

За изборот на Георгиев реагираа од Блупринт групата за реформи во правосудството, поточно за отсуството на законски уреден цензус (минимален број на судии кои треба да гласаат за изборите да се сметаат за успешни) и пропуштањето да се уреди видот на мнозинството неопходно за избор.

„Резултатите од спроведените избори од листата на кандидати од Врховниот суд ја покажаа уште еднаш вградената системска слабост во моделот за избор на членови на Судскиот совет. За кандидатот кој беше избран, гласот го дале само шест судии од вкупно 16 судии запишани во Судскиот изборен именик во овој суд. На изборите гласале 13 судии од кои мнозинството (седум) дале неважечки гласачки ливчиња. Ваквиот начин на произнесување на судиите од овој суд можеме да сметаме дека е еден вид на бојкот на изборите. Мнозинството од судиите на Врховниот суд не го поддржа кандидатот“, изјавија од Блупринт групата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...