fbpx

Уставните измени го минаа првиот чекор, ги чека сериозна сопка на 18 август

Предлог-иницијативата предвидува бугарскиот и уште пет други народи да се додадат во Преамбулата од Уставот – хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и египќанскиот народ

-

Уставните измени влегоа во собраниска процедура, но ставовите на власта и опозицијата не се променија, по што под сериозен знак прашалник се става имањето, односно немањето двотретинско мнозинство на пленарната седница на 18 август.

Денешниот процес почна со расправа во Комисијата за уставни прашања на која прв настапи премиерот Димитар Ковачевски, кој повика на разум од сите пратеници.

„Да не мислиме само на себе, туку за доброто на државата и граѓаните. Се наоѓаме пред најважниот политички избор – или сите ќе бидеме победници, или сите ќе бидеме губитници“, порача тој.

Ковачевски додаде дека ако уставните измени не минат, пристапниот процес на земјата ќе запре, а членството ќе биде одложено, поради што покажуваат загриженост и земјите-членки на Унијата и на НАТО. Ги повика пратениците на разумност при носењето одлука.

Така, со 10 гласа „за“ и седум „против“, предлогот на Владата за пристапување кон измена на Уставот помина на седницата на Комисијата. Но проблемот ќе следува понатаму, на 18 август, кога предлогот ќе оди на пленарна седница, каде ќе биде потребно двотретинско мнозинство (најмалку 80 гласа) за да се усвои потребата од носење уставни измени и процедурата да продолжи со следната фаза – подготовка и усвојување на нацрт-амандмани.

Опозицијата остана на својот став – нема да гласа за уставни измени под диктат.

„Ова не е никаква шанса за напредок на државата, туку шанса за лично профитирање на грбот на државата, за уште некое ’ауди’ – подарок од комшијата, за уште некој бизнис под превезот на демократијата… Во името на граѓаните ви велам дека нема да може, а уставни измени под бугарски диктат нема да има. Ниту пратеници ниту народ имате“, рече координаторот на пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

И Димитар Апасиев од Левица, како и ВМРО-ДПМНЕ, најави дека неговото ќе биде единственo излагање од неговата партија пред уставната комисија. Апасиев потенцира дека власта насила и безглаво влегла во процес на уставни измени, за кој однапред се знаело дека нема двотретинско мнозинство. Обраќајќи му се на премиерот, рече дека се влегува во „лузерски процес“.

„Вие навикнавте и сакате и нас како македонска нација да нè навикнете на порази“, рече Апасиев.

Денес работата на уставната комисија покажа дека ниту еден пратеник од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата нема да гласа за уставни измени под диктат. Тоа е јасно и денес сите лаги се распрснаа како меур од сапуница, рече Александар Николоски, пратеник и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во гостување на ТВ Алфа.

„Денес заврши пропагандата и денес се види кои се јасните ставови на сите политички партии. Во комисија за уставни прашања има 17 члена, од кои што 7 се на ВМРО-ДПМНЕ и сите 7 гласавме против. Јас сум еден од тие седум кој што гласаше против. Така што, јасна е волјата на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Ние бараме да не се чека до 18 август, туку ако може утре, задутре да се стави на гласање на пленарна седница со цел да пропадне оваа фарса која што ја прави власта и да се види дека власта нема двотретинско мнозинство и дека ниту еден пратеник од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не е спремен да подржи уставни измени под бугарски диктат“, посочи тој.

Во предлог-иницијативата што ја усвои Владата, а денеска помина на собраниска комисија, се предлага бугарскиот и уште пет други народи да се додадат во Преамбулата од Уставот – хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и египќанскиот народ.

Покрај ова, предвидена е уште една уставна измена во однос на составот на Комитетот за односи меѓу заедниците со која се предвидува да се измени бројот на членовите, и тоа наместо досегашните 19 члена, бројот да се зголеми на 43 члена, при што 16 члена од редот на пратениците во Собранието – Македонци и Албанци, и по еден член од редот на пратениците Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци, Бугари, Хрвати, Црногорци, Словенци, Евреи и Египќани.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата ги растера пропалестинските активисти од зградата на универзитетот во Париз

Француската полиција денес влегла во зградата на парискиот универзитет „Сијанс По“, и ги растерала пропалестинските активисти. Група од околу 70 студенти ја окупирале зградата на Институтот за политички науки во...