fbpx

Издаден налог за апсење на Путин поради наводи за воени злосторства

Законски, сепак, ова му претставува проблем на Путин. Додека тој е на чело на една држава од Г-20 и ќе се ракува со кинескиот Кси Џинпинг на историска средба, Путин сега е исто така баран човек, а тоа неизбежно ќе постави ограничувања за тоа кои земји може да ги посети

-

Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин. Судот тврди дека тој е одговорен за воени злосторства и ги фокусирал своите тврдења на незаконско депортирање на деца од Украина во Русија, пренесе Би-би-си.

Се вели дека злосторствата биле извршени во Украина од 24 февруари 2022 година – кога Русија ја започна својата целосна инвазија.

Москва ги отфрли обвинувањата и ги означи налозите како „срамота“.

Според руските власти малку е веројатно дека ќе дојде од овој потег бидејќи МКС нема овластувања да апси осомничени и може да врши јурисдикција само во своите земји-членки, а Русија не е една од нив.

Сепак, тоа би можело да влијае на претседателот на други начини, како што е неможноста да патува на меѓународно ниво.

Според соопштението на МКС има разумна основа да се верува дека Путин ги извршил криминалните дејствија директно, како и дека работел со други. Исто така, го обвини дека не ги искористил своите претседателски овластувања за да спречи депортирање на децата.

На прашањето за потегот на МКС, американскиот претседател Џо Бајден рече „па, мислам дека е оправдан“. Тој истакна дека САД не се потпишани во МКС, „но мислам дека тоа има многу силна страна“. Путин „јасно извршил воени злосторства“, рече тој.

За истите злосторства МКС е обвинета и руската комесарка за правата на децата, Марија Лвова-Белова. Во минатото, таа отворено зборуваше за напорите да ги индоктринира украинските деца однесени во Русија.

Минатиот септември Лвова-Белова се пожали дека некои деца депортирани од градот Мариупол „зборувале лошо за рускиот претседател, зборувале ужасни работи и ја пееле украинската химна“. Таа, исто така, тврди дека посвоила 15-годишно момче од Мариупол.

МКС рече дека првично размислувал да ги чува налозите за апсење во тајност, но одлучил да ги објави јавно во случај да го спречи извршувањето на дополнителни злосторства.

Обвинителот на МКС, Карим Кан, изјави за Би-Би-Си: „децата не може да се третираат како воен плен, тие не можат да бидат депортирани“.

„За овој вид на криминал не треба човек да биде адвокат, треба да биде човек за да знае колку е еклатантен“, рече тој.

Реакциите на налозите дојдоа за неколку минути по објавувањето, при што претставниците на Кремљ веднаш ги отфрлија.

Портпаролот Дмитриј Песков рече дека која било одлука на судот е „неважечка“ и поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев го спореди налогот со тоалетна хартија.

„Нема потреба да објаснувате КАДЕ треба да се користи оваа хартија“, напиша тој на Твитер, со емотикони од тоалетна хартија.

Сепак, руските опозициски водачи ја поздравија најавата. Иван Жданов, близок соработник на затворениот опозициски лидер Алексеј Навални, на Твитер напиша дека тоа е „симболичен чекор“, но важен.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е благодарен на Кан и на кривичниот суд за нивната одлука да поднесат обвиненија против „државното зло“.

Украинскиот јавен обвинител Андриј Костин рече дека одлуката е „историска за Украина“, додека шефот на кабинетот на претседателот на земјата, Андриј Јермак, ја пофали одлуката како „само почеток“.

Но, бидејќи Русија не е потпишана членка на МКС, има многу мали шанси Владимир Путин или Марија Лвова-Белова да се појават на обвинителна клупа во Хаг.

МКС се потпира на соработката на владите за апсење луѓе, а Русија „очигледно нема да соработува во овој поглед“, изјави за Би-Би-Си Џонатан Лидер Мејнард, предавач по меѓународна политика на Кралскиот колеџ во Лондон.

Сепак, Кан истакна дека никој не мислел дека Слободан Милошевиќ, српскиот водач на кој му се судеше за воени злосторства во Хрватска, Босна и Косово, ќе заврши во Хаг.

„Оние што чувствуваат дека можете да извршите злосторство дење, а ноќе добро спиете, можеби треба да погледнат во историјата“, рече тој.

Законски, сепак, ова му претставува проблем на Путин. Додека тој е на чело на една држава од Г-20 и ќе се ракува со кинескиот Кси Џинпинг на историска средба, Путин сега е исто така баран човек, а тоа неизбежно ќе постави ограничувања за тоа кои земји може да ги посети.

 

 

***

Овој напис е изработен во рамките на проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...