Најмалку 22 лица се убиени во две масовни престрелки во ресторан и куглана во Левистон, Мејн, САД, јавува Си-Ен-Ен. Според извори од органите на редот, повредени се 50 до 60 луѓе.
Полицијата го идентификуваше Роберт Кард (40) како напаѓач, додавајќи дека тој треба „да се смета за вооружен и опасен“.
Ресторанот Шеменгис (Schemengees Bar and Grill), една од двете локации каде што беше пукано и убиени беа десетици луѓе, објави порака на својата Фејсбук страница утринава.
„Моето срце е скршено. Немам зборови. За дел од секунда, вашиот свет се превртува наопаку без причина. Изгубивме големи луѓе во оваа заедница. Како може да има некаква смисла за ова. Испраќање молитви до сите“, се вели во објавата.
Левистон, Мејн, е мал град – со население од само 38.493 луѓе според американскиот попис.
Таму се наоѓа колеџот Бејтс, приватно училиште за либерални уметности, а градот редовно е рангиран како еден од најбезбедните градови во Америка.
„Знаеме дека овие настани ја шокираа и исплашија нашата заедница. И ние тагуваме за оние чии животи трагично беа изгубени во овој грозоморен чин на насилство“, се вели во соопштението на колеџот Бејтс.
Вчерашниот вооружен масакр се надоврза на списокот од 565 масовни престрелки пријавени низ Соединетите држави оваа година.