fbpx

Над 60 вработени од „Еурокомпозит“ на принуден одмор, фабриката без струја

-

Над 60 вработени во прилепската фабрика за наменско производство „Еурокомпозит“ се упатени на принуден одмор со плата од 70 отсто, а фабриката речиси 3 недели е без струја, поради неплатени сметки. Вработените се револтирани, зашто немаат здравствено осигурување, платите не им се исплатени за цела 2019 и дел од 2018 година. Тие бараат средба со вицепремиерката Мила Царовска, со цел да се најде итно решение за нивните децениски проблеми.

– Очекуваме дека брзо ќе добиеме одговор на барањето за средба со вицепремиерката Царовска, што во петокот е доставено и писмено. Очекуваме дека ќе бидеме на средба заедно со директорот на „Еурокомпозит“ Тоцев, со цел да се изнајде, конечно, ама конечно решение за нашите маки. Ние многу се надевавме дека со доаѓањето на претходната влада ќе има слух за нашите проблеми. И факт е дека од околу 250 вработени за овие 2 и пол години, најголем дел заминаа како технолошки вишок, но барем и сега да се најде решение за нас, овие 64 – мина. Или нека не пуштат и нас како технолошки вишок, или нека обезбедат работа и фабриката нека продолжи со работа – вели Роберт Богданоски, претседател на Синдикатот на фабриката.

Директорот на „Еурокомпозит“, Милан Тоцев, потврдува дека во моментов во фабриката не е обезбедена работа, дека нема потпишани договори. Тврди дека е постојано во контакт со надлежните од Владата и дека се бара најоптимално решение.

– Точно е дека поради побарувања на вработените коишто се прогласени технолошки вишок, во висина од околу 250.000 евра се блокирани сметките на двете фирми, „Еурокомпозит“, и „Композитна опрема“. Вработените кои што се во моментов со работен статус, последно им е исплатен дел од заостаната плата на 22 декември. Но, работа нема, пари нема – вели директорот Тоцев.

Проблемите во „Еурокомпозит“ се децениски. Со промена на власта во 2017 година, преземени се определени чекори и од околу 280, како технолошки вишок се прогласени околу 220 вработени, но ним сѐ уште не им се исплатени просечно по 1.000 евра долг за отпремнина. Овие работници ги бараат своите пари. Не ретко овој период протестираа и пред Општината, која нема надлежност за овој проблем, но и пред Владата.

Фабриката „Еурокомпозит“ е единствена за наменско производство за потребите на одбраната и безбедноста на државата. Вработените често се мета на политички манипулации и лажни предизборни ветувања. Затоа, сега тие бараат решение од надлежните структури и веќе немаат верба во партиите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Пратеници, градоначалници, фирми, граѓани – Кој колку пари донирал за кампањата на претседателските кандидати?

Некој по 500 денари, некој по 100.000 денари, а некој по 300.000 денари. Донации за кампањите за претседателските избори пристигнувале од пратеници, градоначалници, членови на партии или пак преку...