fbpx

Над 1.220 луѓе лани биле пријавени во обвинителствата по членот 353 од Кривичниот законик кој ѝ пречеше на власта

Токму овој член кој ја регулира злоупoтребата на службата преку јавните набавки, предизвика низа контроверзи во јавноста, откако Собранието по скратена постапка ги донесе измените во Кривичниот законик, со кој казните се намалуваат, односно ако „некој прибавил имотна корист или нанел значителна штета, сега ќе се казни со затворска казна од шест месеци, до пет години

-

Во јавните обвинителства во државата лани 1221 лице било пријавено по членот 353 од Кривичниот законик (КЗ), за злоупотреба на службената положба и овластување, говорат податоците од Годишниот извештај за работата на обвинителствата за 2022 година, кој беше доставен до Собранието на РСМ.

По членот 353 биле поднесени 151 обвиненија, а донесени биле 95 пресуди.

Во однос на делото „несовесно работење во службата“ (353-в), пријави до обвинителството имало за 199 лица. Поднесени се 21 обвиненија, а донесени се 16 пресуди.

Токму овој член кој ја регулира злоупoтребата на службата преку јавните набавки, предизвика низа контроверзи во јавноста, откако Собранието по скратена постапка ги донесе измените во Кривичниот законик, со кој казните за ова дело се намалуваат, односно ако „некој прибавил имотна корист или нанел значителна штета, сега ќе се казни со затворска казна од шест месеци, до пет години“. Претходно, законот за ова предвидуваше најмалку три години години затвор што значеше максимална казна до 20 години.

Според членот 353, став 5, пак, беше предвидено дека при злоупотреба на службената положба за вршење јавни набавки или на штета на средствата од Буџетот на Република Македонија, од јавните фондови или од други средства на државата, сторителот ќе се казни со затвор најмалку пет години.

„Кај кривичните дела против службената должност има незначително намалување на бројот на примени кривични пријави, што се должи пред се на пријавите поднесени за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување чл.353. Меѓутоа, мора да се истакне дека во текот на 2022 година со несмален интензитет биле пријавите и постапките за ставот 5 од овој член, кој се однесува на злоупотреба извршена при јавни набавки, а зголемување е регистрирано и кај бројот на предмети за кривичните дела – Несовесно работење во службата чл.353-в, Проневера во службата чл.354, Примање поткуп чл.357 и Противзаконито стекнување и прикривање имот од чл.259-а. Јавното обвинителство и во следниот период ќе продолжи интензивно да постапува по овие коруптивни кривични дела, но и по сите други кривични дела кои може да бидат извршени со корупција и чиј начин, мотив на извршување и штетата, може да ги карактеризираат како коруптивно дело“, се вели во документот.

Сепак, колку ова ќе биде возможно, останува отворено, со новите законски измени кои деновиве треба да стапат во сила, откако претседателот Стево Пендаровски го потпиша указот.

„Коалицијата сите за правично судење“ која ги мониторира судењата објави дека застарување ќе има во 14 предмети со 80 обвинети. Имено, до застареност доаѓа двојно од времето на досудената казна – на пример, ако некој бил осуден на 20 години затвор, до застареност би дошло за 40 години. Сега, со максимални 5 години затвор, до застареност би дошло за 10 години. Ова значи дека би застареле сите неправосилни предмети каде делото било направено пред 2013 година.

Такви, според „Коалицијата сите за правично судење“ се следните:

ТНТ за уривањето на Космос, 

ТАЛИР за фунансирањето на ВМРО-ДПМНЕ

ТАЛИР 2 за Белата палата на ВМРО-ДПМНЕ

ТРЕЗОР за набавката на софтвет за опремата за преслушување во УБК,

ТАРИФА за набавка на софтверски систем за ЕЛЕМ

ДИЗАЈН за кинеските автобуси,

ТОПЛИК за Сончев град

ТИТАНИК за изборните измами

ТЕНДЕРИ за изградбата на Музејот на ВМРО

ТИТАНИК 2 за изборни нерегуларности

ТРАЕКТОРИЈА за кинеските автопати

ШПАНСКИ СКАЛИ

ТАРГЕТ/ТВРДИНА за масовното прислушување

Првиот вицепремиер Артан Груби во гостување на ТВ Клан изјави дека експремиерот Никола Груевски „не може да сонува слободен да се врати во Македонија“, бидејќи влијанието на изменетите членови од Кривичниот законик врз обвиненијата на поранешниот премиер е многу мало.

„Никола Груевски со овие измени во Кривичниот законик не може ни да сонува да се врати во Северна Македонија“, изјавил Груби во гостување во емисијата Клан дебата.

Но, анализите на експертската јавност потврдуваат нешто друго. Па така, дури и да не беа донесени законските измени, ќе застареше извршувањето на казната на Груевски за две дела – за Тенк, односно набавката на мерцедесот, застарува три години по правосилноста, што е скоро. Пресудата од 1,5 години затвор за случајот „Насилството во Општина Центар“ застарува догодина, со оглед на тоа што стана правосилна во 2021.

Единствена казна што е спорна за Груевски да се врати во земјава како слободен граѓанин е правосилната казна од 9 години затвор за случајот „Плацеви на Водно“. Сепак, овој случај е пред Врховниот суд, каде одбраната на Груевски побара вонредно преиспитување на правосилната пресуда.

Во овој случај, може да се бара и повторување на постапката или пак Врховниот суд да го врати предметот на повторно одлучување, со што на Груевски би му се судело според новите измени во Кривичниот законик, со многу пониски казни.

Освен за Груевски и голем број обвинети во предметите на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), изменетите законски членови ги тангираат и предметите за ексгенералниот секретар на владата Драги Рашковски, а во Кривичниот суд токму по членот 353 му се суди и на неговиот наследник Мухамед Зекири. Рашковски, освен по членот 353 е осуден и за перење пари на 8 години затвор, а за предметот сега по жалба треба да одлучува Апелацискиот суд. Со оглед на тоа што судот сега ќе досудува според измените кои се во сила, казната за него во секој случај ќе биде пониска.

Инаку, измените на Кривичниот законик се под лупа и на ЕУ откако евроамбасадорот Дејвид Гир денеска кратко одговарајќи на новинарски прашања посочи дека се анализира и дополнително ЕУ ќе го изнесе својот став.

„ЕУ се уште ги анализира последните измени во Кривичниот законик кои во Собранието на РСМ поминаа со европско знаменце. Наскоро ќе излеземе со јасен став по однос на тоа“, изјави Гир.

Минатата недела во период од само неколку часа експресно беа усвоени измените и дополнувањата на Кривичниот законик во Собранието на РСМ без амандмани од опозицијата, а кои претходно Владата на РСМ ги усвои на владина седница на крајот од август, без притоа за ова да ја информира јавноста во официјалните соопштенија што ги испраќа до медиумите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...