Откако во јавноста излезе веста за 24-годишна жена од радовишкото село Тополница која си го одзела животот во полскиот тоалет во дворот на семејната куќа и притоа оставила проштална видеопорака во која објаснува низ што се поминала во животот, Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство излезе со реакција. Мрежата бара надлежните институции да постапат со должно внимание и целосно да го истражат случајот земајќи ги предвид сите околности и настани, а посебно оние кои укажуваат на подолготрајно вршење на тортура и семејно насилство врз неа, а кои и биле причините за одземање на животот.
„Имено во прошталната видеопорака чиј дел од текстот го објави Слободен Печат младата жена наведува дека била постојано вознемирувана, од неколку мажи (чии имиња се наведени во самата проштална порака) и го наведува и името на мажот кој и дал непозната супстанца со која си го одзема животот. Дополнително според анонимните искази на блиски роднини и соселани на семејството, младата жена со години живеела под притисокот на силната љубомора, контрола, доминација и заклучување во куќата од страна на нејзиниот повозрасен сопруг, а единствено излегување од куќата и било само во придружба на сопругот и тоа да посети лекар или за породувањето“, велат од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.
Оттаму додаваат дека иако имало индиции и укажувања за насилство врз младата радовишанка, сепак по добиените информации од Центарот за социјална работа била дадена изјава дека семејството не било корисник ниту на права од социјална заштита ниту пак била регистрирана некоја пријава за семејно насилство. Истите податоци биле добиени и од Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Во конкретниов случај, кога закопот на младата жена бил направен веднаш следниот ден, каде поради недостаток на докази за насилна смрт не е направен преглед и обдукција на починатата, уште повеќе го крева алармот за итно постапување на сите институции, особено надлежното Основно јавно обвинителство, и откривање на вистината која стои зад оваа трагедија. Дополнително, очекуваме да се преземат сите мерки за заштита на нејзините деца и обезбедување на соодветна помош и поддршка за надминување на траумата која ја доживуваат со губитокот на мајката, а секако и траумите кои ги преживеале растејќи како сведоци на насилството кое било вршено врз нивната мајка“, се вели во соопштението на Мрежата.
Според истражување на ОБСЕ за благосостојбата на жените во земјава, семејното насилство во сите форми е широко распространето, но само 2 отсто од жените кои доживеале насилство од сегашен партнер, го пријавиле во полиција.