За 40 проценти е намалена инциденцата на ширење на вирусот кај населението на ниво на цела држава со почетокот на училишната година, споредбено со ширење на вирусот во последните две недели во август, покажува последната епидемиолошка анализа на Институтот за јавно здравје.
Од Министерство за здравство информираат дека во епидемиолошката анализа на Институтот опфатена е возрасна популација од претшколска, основно, средно и академска.
„Во предучилишната и училишната возраст најмал е бројот на заразени споредбено и по возрасни групи, односно на возраст од 0-9 години има само 3,9 проценти во државата се ковид позитивни. По дистрибуција по градови, во Скопје има 139 заразени основци, 70 средношколци, 72 од академската популација и 28 деца во претшколска возраст“, информираат од Министерството за здравство во однос на главниот град.
Во однос на останатите градови од земјава, во Куманово, има 5 заразени основци, 8 средношколци, 18 од академската популација и 3 деца во претшколска возраст.
Во Штип 2 деца од претшколска возраст се ковид позитивни, 5 основци, 8 средношколци и 3 од академската популација.
По 2 заразени деца од претшколска возраст има и во Велес и Ресен, и 1 е заразено во Прилеп.
Од популацијата во основно, во Велес и Ресен има по 5 ученици, 6 има во Струмица и Кавадарци, а 8 во Прилеп. Средношколци позитивни на ковид има 3 во Велес, 7 во Кавадарци, 4 во Прилеп и 2 во Струмица. И од академската популација заразени со вирусот се 6 во Велес, по 2 во Кавадарци и Прилеп и по 3 во Струмица и Ресен, се вели во соопштението на Министерството за здравство.
Согласно овие податоци и намалената инциденца на ширење на вирусот, нема потреба од промена на моделот на настава, сметаат од Комисијата за заразни болести.