Скопската епархија на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) соопшти дека нема доволно пари за да ја доизгради црквата „Свети Константин и Елена“, пред Дом на АРМ во центарот на Скопје.
Допрва треба да се изработи фрескописот во црквата.
„Македонската православна црква – Охридска архиепископија и Скопската епархија сметаат дека македонскиот народ и верниците заслужуваат храмот во центарот на главниот град да биде завршен и да се подготви за осветување и да биде ставен во функција. Како прв чекор кон тоа, потребно е да се изработи фрескоживописот. Немајќи доволна финансиска можност за да го доизгради храмот, Скопската епархија изразува надеж дека во следниот период ќе се најдат благочестиви христијани кои ќе го помогнат довршувањето на храмот ‘Свети Константин и Елена’, кој ќе биде гордост на градот и на МПЦ-ОА“, наведува епархијата во соопштение.
Скопската епархија информира и дека ги подмирила сите долгови кон изведувачот на досегашните градежни работи и дека го има храмот во своја сопственост.
„Ги известуваме верниците и целокупната македонска јавност дека храмот ‘Свети Константин и Елена’, кој се гради во центарот на Скопје, е во целосна сопственост на Скопската епархија при Македонската православна црква ‒ Охридска архиепископија“, се вели во соопштението.
И додека бара средства од граѓаните за довршување на храмот на улица Македонија, МПЦ-ОА во идентичен временски период е еден од коинвеститорите на големиот станбено-деловен комплекс којшто се гради крај Вардар, на местото на поранешниот паркинг кај хотелот „Холидеј Ин“.
Самиот паркинг спроти хотелот Холидеј Ин, поголемиот дел од просторот беше јавен, а помал дел и припаѓаше на Македонската православна црква, добиен со денационализација бидејќи на тоа место на времето била лоцирана поранешната црква Свети Константин и Елена. Токму таа парцела ја докупи фирмата Обновители ДОО, во заедничка сопственост на МГ Фешн и на МПЦ, преку т.н. процес на окрупнување, пишуваше во 2021 година Призма.мк.
Претходно, уште во ноември 2012 година, нова верзија на некогашната црква Свети Константин и Елена од оваа локација до кејот на реката Вардар доби нова локација – онаму каде што сега се наоѓа пред Домот на АРМ на улица „Македонија“. Плацот од 2230 квадратни метри во строгиот центар на главниот град претходно беше во државна сопственост, а МПЦ ги купила со непосредна спогодба со Владата. Земјиштето го платила по 1800 денари за квадратен метар или вкупно 65268 евра.
За финансирање на изградбата на новата црква помеѓу 2012 и 2014 година беа организирани три донаторски конференции за бизнисмени, на кои главна улога како промотор на проектот играше тогашниот премиер Никола Груевски, кој учествуваше и при поставувањето на камен-темелникот.