Можно е сите корисници на Твитер / Х наскоро да треба да платат за пристап до социјалната мрежа

Во разговор со израелскиот премиер Нетанјаху, милијардерот Маск рече дека систем со плаќање е единствениот начин за платформата да им се спротивстави на ботовите

Ministério Das Comunicações, CC BY 2.0 , via Wikimedia Commons

Илон Маск најави дека сите корисници на социјалната мрежа „Х“ – порано позната како Твитер, можеби ќе треба да платат за пристап до платформата.

Во разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, милијардерот Маск рече дека систем со плаќање е единствениот начин за платформата да им се спротивстави на ботовите, пренесува Би-би-си.

„Се движиме кон тоа да имаме мала месечна претплата за користење на системот“, рече Маск кој истовремено е шеф и на „Тесла“ и „СпејсЕкс“.

Маск долго време зборува дека решение за ослободување од ботовите и лажните кориснички сметки на „Х“ е плаќањето за верификација.

Откако го презете Твитер минатата година, тој се обидуваше да ги поттикне корисниците да платат за подобрена услуга, која сега се нарекува „Х Премиум“. Оваа услуга располага со повеќе функции за корисниците што платиле, односно тие имаат можност за подолги објави и зголемена видливост на платформата.

Во моментов „Х Премиум“ во Северна Македонија чини 8 американски долари за телефоните со Андроид и 11 долари за мобилните уреди со iOs и за веб-верзијата.

Илон Маск изјави дека сега бара поевтини опции за корисниците.

„Ние всушност ќе излеземе со пониски цени. Затоа сакаме тоа да биде само мала сума на пари“, додаде Маск.