МОН: Континуирани обуки за јакнење на психосоцијалната поддршка во училиштата

Преку Програмата за психосоцијална помош и поддршка во унапредување на добросостојбата и менталното здравје на децата и младите во образовните, здравствените и згрижувачките институции и средини, преку менторски сесии биле опфатени 649 стручни соработници

фото: Министерство за образование и наука (МОН)

Клучен фактор за обезбедување квалитетен пристап на стручните соработници во работата со учениците и унапредувањето на нивното ментално здравје и благосостојбата е нивната обука, велат од Министерството за образование и наука (МОН).

Во мај оваа година, МОН и УНИЦЕФ организираа осум регионални работилници за јакнење на вештините на стручните соработници за ефикасно справување со различниот опсег на предизвици поврзани со менталното здравје на основците и средношколците. На работилниците учествувале 521 стручен соработник, односно повеќе од половина од психолозите, педагозите, специјалните едукатори и социолозите што работат во училиштата.

Претходно, во рамки на Програмата за психосоцијална помош и поддршка во унапредување на добросостојбата и менталното здравје на децата и младите во образовните, здравствените и згрижувачките институции и средини, развиена од УНИЦЕФ во соработка со МОН и Бирото за развој на образованието, преку менторски сесии биле опфатени 649 стручни соработници.

„Проценката на активностите од Програмата покажа дека стручните соработници имаат потреба од континуирана поддршка со материјали, обуки, колегијална поддршка и други ресурси поврзани со менталното здравје, проширување на програмата за ментално здравје и засилена соработка меѓу практичарите и професионалците во областа на менталното здравје“, соопштија денеска од МОН.

УНИЦЕФ работи на проширување на Програмата преку развивање на посебен модул кој се фокусира на менталното здравје на адолесцентите.

Предвидено е да се одржат дополнителни осум регионални работилници во текот на првото полугодие од претстојната учебна година. Дополнително, сите материјали и ресурси кои се однесуваат на менталното здравје за деца и адолесценти ќе бидат објавени онлајн и ќе бидат достапни за сите заинтересирани поединци.