Македонското МНР за новинската агенција „Мета“ соопшти дека засега нема разговори за мерките за градење доверба бидејќи на Атина ѝ бил потребен еден месец за да излезе со предлог-мерки. 

Грција ја обвини Македонија за ширење иредентизам преку училишните учебници, географските карти, како и со изјавите на високи државни функционери.

Владата во Атина е загрижена дека Македонија има територијални претензии, поради што бара разговори за мерките за градење доверба .

– Се разбира дека е потребно неколку минути за да се разбере дека таквата теза е далеку од реалноста на терен – велат од МНР.

Министерството за надворешни работи, исто така, ги демантира наводите на грчкиот весник „Катимерини“ и на грчкиот пратеник Јоргос Кумуцакос дека Атина и Скопје почнале нови паралелни преговори, надвор од Обединетите нации.

– Нема ниту паралелен дијалог ниту, пак, дијалог во рамките на ОН. Всушност, повеќе изгледа дека се работи на креирање перцепција дека процесот напредува. Во практика, досега нема никаков конкретен знак дека во Атина постои желба да се има интензивен дијалог за надминувањето на спорот и на блокадите –  велат од МНР, додавајќи дека Грција е западната во стапица од претходно поставените блокади.

Од Министерството за надворешни работи велат дека до овој момент нема ниту иницијативи ниту манифестации за ангажман од Атина.

– Наш интерес е да се надмине оваа ситуација на нелегална блокада и да отвориме што е можно повеќе мостови со јужниот сосед. Тоа е наш интерес. Неопходни се реален пристап и волја – стои во реакцијата на МНР.