Младите за време на ковидот се соочиле со ограничен пристап до информации за сексуално и репродуктивно здравје

фото: Ванчо Џамбаски / ХЕРА

Младите се соочиле со сериозни потешкотии да дојдат до информации и услуги поврзани со сексуалното и репродуктивното здравје во време на ковид-19 пандемијата, што довело до зголемено чувство на несигурност кај нив. Ова го покажало Истражувањето за влијанието кое ковид-19 пандемијата го имаше врз сексуалното и репродуктивното здравје и права кај младите во Македонија кое го презентираше Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА.

Особено голема потреба имало кај младите жени и девојки за пристап до информации за закажување на гинеколошки преглед или добивање консултации до кои потешко се доаѓало за време на пандемијата. Чувството на страв и анксиозност кај младите мајки поради слабата информираност за ковид-19 влијаело на нивната здравствена безбедност на повеќе нивоа – како и кога да се дојде до лекар и да се закаже преглед или телефонска консултација заради нивна недостапност, но и каде да се добие релевантна информација за тоа како влијаат ковид-19 и вакцината против вирусот врз развојот на плодот, но и врз бебињата кои се дојат.

Кога станува збор за младите Роми, пак, предизвиците кои постоеле и пред пандемијата се продлабочиле заради постоечката и непрекината дискриминација, но и заради високиот број на здравствено неосигурани Роми кои практично и немале пристап до услуги за време на пандемијата.

Кај нив, непосредувањето на компјутер или каков било дигитален уред, дополнително го отежнал пристапот до информации за сексуално и репродуктивно здравје, а оваа состојба делумно ја надминувале благодарејќи на теренските активности и дадените услуги од невладините организации.

„Факт е дека кај нас за Ромите клучниот проблем е образованието и пристапот до интернет или поточно кажано пристап до дигитализацијата. Ромите, особено во руралните средини, навистина се соочуваат со потешкотии, односно недоволна информираност, немање пристап до интернет, недоволна писменост за дигитализација“, истакна Суда Дехари, членка на младинската група формирана во рамки на проектот.

Поради постоечката општествена стигма, недовербата во институциите на системот и дискриминацијата од здравствените работници, ЛГБТИ младите имале најголема потреба од психо-социјално советување и грижа за менталното здравје. Ковид пандемијата придонела до поголема социјална изолација и анксиозност кај овие млади.

„Поради изолацијата и полициските часови кои беа воведени како превентивни мерки за време на ковид-19 пандемијата, младите ЛГБТ луѓе беа принудени да се вратат во своите домови и таму да ги поминат деновите во изолација. Голем дел биле изолирани од своите врсници и делеле ист кров со родителите кои не ги прифаќаат како лица од оваа маргинализирана заедница“, истакна Даниел Проданов, член на младинската група формирана во рамки на проектот.

Истражувањето покажало дека насилството било зголемено за време на пандемијата, што особено било почувствувано од страна на ЛГБТИ лицата и Ромите. Генерално, постоело незадоволство кај младите од одговорот на институциите на системот за решавање на случаи со родово и сексуално-базирано насилство, особено за сузбивање на насилството кое во голема мера се случува на социјалните мрежи врз девојките.

„Апсолутно конзервативноста во општеството го зголемува насилството, бидејќи ако пријавите дека соседот ја малтретира сопругата, огромни се шансите вие да бидете виновникот на крај. Бидејќи ја прашуваат жената пред насилникот дали е жртва, нормално дека незаштитена, ниедна жртва нема да признае. И тогаш вие плаќате за лажна пријава. Тоа е коренот на проблемот, не се разговара за она што ни се случува пред очи“, изјави Мартина Павловиќ, членка на младинската група.

Истражувањето покажало дека сексуалното и репродуктивното здравје и права имаат суштинско значење за менталната и физичката благосостојба на една млада личност. При тоа, клучно е континуираното обезбедување на квалитетно и достапно сексуално образование, информации и пријателска грижа за сексуално и репродуктивно здравје кај сите млади луѓе и тоа пред, за време на и после секоја криза.

Истражувањето било спроведено од и меѓу младите од пет балкански земји, во рамки на проектот „Младите зборуваат, младите одбираат“.