Младите учествуваа на обука за справување со дезинформации и проверка на факти во Велес

Обуката вклучуваше комбинација на теорија и практична работа, почнувајќи од начините на кои се шират дезинформациите и пропагандата, како и за тоа од каде потекнува современиот феномен на дезинформациски наративи

Фото: Мета.мк

Петнаесетина млади лица од учествуваа на втората обука во рамки на програмата „Новинарство за новата генерација“, на тема „Справување со дезинформации и проверка на факти“, која се одржа од 13 до 15 март во близина на Велес.

На тридневната обука во организација на Фондацијата Метаморфозис, заедно со Меѓународниот центар за новинари (International Center for Journalists – ICFJ), младите имаа можност да стекнат знаења за начинот на проверка на факти, да ги научат основните техники во овој домен и воедно самите да земат учество и да извршат проверка на факти.

Обучувачи беа Тод Хелмус професор од меѓународната организација РАНД, Владимир Петрески, главен уредник на порталот Вистиномер.мк, како и Деспина Ковачевска, аналитичар и медиа монитор во Фондацијата Метаморфозис.

Фото: Мета.мк

Обуката вклучуваше комбинација на теорија и практична работа, почнувајќи од начините на кои се шират дезинформациите и пропагандата, како и за тоа од каде потекнува современиот феномен на дезинформациски наративи. Се говореше за начините и општите правила за откривање на изјави и објави за кои може да се направи проверка на факти, а беше објаснета и методологијата односно техниките за проверка на факти.

Oбуката вклучуваше информирање во однос на најчестите теми на кои има дезинформации и користењето на вештачката интелигенција за креирање и споделување на ваквите содржини.

Беа дадени препораки како новинарите можат да се заштитат од споделување на некомплетни, злонамерни, манипулирани информации од некредибилни извори. На крајот, учесниците имаа групна задача да ги изработат контурите на една проверка на факти.

На сите учесници им беа доделени сертификати за успешно завршување на обуката.

Фото: Мета.мк

Ова беше втората од серија од три обуки кои ќе се одржат годинава во рамки на програмата „Новинарство за новата генерација“ која ја имплементира Фондацијата Метаморфозис и Меѓународниот центар за новинари, а е финансирана од Амбасадата на САД. Најдобрите учесници од сите три обуки ова лето ќе имаат можност за платено практиканство во медиумите на Метаморфозис: Мета.мк, Порталб.мк или Вистиномер.мк. Тројца од нив ќе имаат можност да поминат еднонеделна студиска посета во САД.