Во „Јавна соба“ во Скопје од 14 до 16 декември се одржа тридневна обука на тема „Новинарство базирано на податоци и визуелизации на податоци“. На обуката што се спроведе на англиски јазик учествуваа 14 млади лица, првенствено студенти и новинари од целата земја.
Обуката ја реализираа Дерек Вилис, предавач на Факултетот по новинарство „Филип Мерил“ при Универзитетот во Мериленд во САД, Горан Ризаов, раководител на програмата „Медиуми за демократија“ во Фондацијата Метаморфозис и Бојан Блажевски, главен уредник на новинската агенција Мета.мк.
Станува збор за прва обука од серијалот на три вакви настани, кои Фондацијата Метаморфозис ги реализира во соработка со Меѓународниот центар за новинари (International Center for Journalists – ICFJ) од САД.
Во изминативе три дена беа реализирани серија од предавања, како и практична работа на учесниците во обуката. За време на обуката беа опфатени темите: што се тоа податоци и какви типови на податоци постојат, како да се пронајдат податоци и кои се најкористените онлајн извори на сетови со податоци во Северна Македонија, како да се прочистат податоците во табели и како да се изврши нивна анализа.
Беа одржани посебни обуки и за тоа како да се користи етички вештачката интелигенција во новинарството, но и практично се покажа како вештачката интелигенција може да помогне во чистењето и структурирањето на податоците што треба да се визуелизираат.
Учесниците беа поделени во четири тимови, кои имаа за задача да изработат визуелизација од избраните податоци на одредена тема и на крајот од обуката да го презентираат финализираниот производ. Младите кои се вклучија во тридневната обука добија сертификати за стекнатите вештини, издадени од Меѓународниот центар на новинари и од Фондацијата Метаморфозис.
На трите работилници кои се одржуваат од декември годинава до мај следната година, обучувачи ќе бидат еминентни новинари од САД, заедно со новинари од медиумите на Фондацијата Метаморфозис.
Најдобрите шестмина учесници на серијата од три работилници ќе имаат можност за едномесечно платено практиканство во една од трите медиумски организации на Фондацијата Метаморфозис, во текот на следното лето. Тројцата најдобри, пак, ќе заминат на еднонеделна студиска посета во САД со Меѓународниот центар за новинари (ICFJ) во Вашингтон.
Сите предвидени активности се дел од проектот „Новинарство за новата генерацијa“, кој Фондацијата Метаморфозис го спроведува во партнерство со Меѓународниот центар за новинари (International Center for Journalists – ICFJ), а со поддршка на Амбасадата на САД во Скопје, во периодот од септември 2023 до јули 2024 година.