fbpx

Мистериозно самоубиство на газдата на „Фиком“ во штипскиот затвор

-

Сопственикот на „Фиком“, Никола Николиќ, бил пронајден обесен во тоалетот на штипскиот затвор, каде ја издржуваше казната за измама при продажба на станови на повеќе лица, јавува дописникот на „Мета“ од Штип.

Информацијата за смртта на Николиќ ја потврдија од Упрвата за извршување на санкции, а случајот го потврди и неговиот адвокат, Александар Петровски.

– Мојот клиент, Никола Николиќ од „Фиком“, ноќеска е пронајден обесен во затворот Штип. Наводно, сам си го одзел животот, нека му е лесна земја. Не можам да ја разберам жедта за лишување од слобода на сите оние што навиваат за такво нешто. Луѓето се претворија во ѕверови, не си ја гледаат маката, туку само за апсења зборуваат – пишува Петровски на „Фејсбук“.

Никола Николиќ помина девет години во затвор. Во 2012 година, неговото име се најде меѓу насловите во дневните весници и повторно поради сомневања за измама и за проневера, откако како шеф на кантината во штипскиот затвор, му беше откриен кусок во дневниот промет, поради што беше и сменет.

Тој и неговата сопруга Весна Сталеска-Николиќ, беа осудени на повеќегодишни затворски казни во аферата „Фиком“, што беше откриена во 2006 година, а стануваше збор за продажба на исти станови на повеќемина клиенти во населбата Кисела Вода.

Ова не е прво самоубиство во штипскиот затвор. Пред три години, исто така со бесење, животот си го одзеде затвореник осуден за педофилија. Пред две години, затвореник пријави дека бил силуван од друг, со кој ја делеле ќелијата.

Во затворот во Штип, затворски казни издржуваат неколку познати ликови од криминалното милје во државата, осудени за убиства, тероризам и за други тешки кривични дела. Меѓу нив се кондовецот Агим Красниќи, тутунскиот „бос“ Бајруш Сејдиу, а од недомна во оваа казнено-поправна установа беше сместен и Амир Дрпљанин, осуден за нападот и за убиството на полицаец кај Природно-математичкиот факултет, по кого се трагаше со потерница и кој беше екстрадиран од Косово.

В.К.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.