Комплетен хаос настана со набавката на потребните помагала и терапии за лицата со дијабет, откако Министерството за здравство со задоцнување од речиси осум месеци го потпиша договорот за набавка на инсулински игли и ленти за мерење шеќер, инсулински пумпи со потрошен материјал и сензори за континуирано мерење на гликемија за периодот јанури 2023 – декември 2024 година за потребите на населението на Република Северна Македонија.
Иако договорите потпишани со неколку компании се со важност од јануари 2023 до декември 2024, лицата со дијабет сè уште ја немаат добиено терапијата. На последниот протест на лицата со дијабет на 21 јули, министерот Фатмир Меџити рече дека „денеска е реализирано едно од нивните клучни барања, односно потпишана е одлуката за избор на најповолен понудувач за набавка на ленти“.
„Сите процедури во рамки на Министерството за здравство се завршени во најкраток рок, навистина жалам што набавката доцнеше, таа требала да се почне уште во декември од претходното раководство“, истакна Меџити на средбата со претставниците на Сојузот на здруженија на дијабетичари, која се одржа пред најавениот протест.
Оттогаш поминаа три недели, а од Сојузот на здруженија на дијабетичари во Македонија велат дека ленти сè уште немаат и дека битката се пренесува со поведување правна постапка, во која ќе се бара одговорност и обештетување за сите овие месеци во кои лицата со дијабет се оставени без терапија и можност за проверка на инсулинот.
„Нашето трпение се потроши повеќе и од инсулинските игли, лентите за мерење на шеќерот, глукомерите и исто како што и терапијата ни ја снемува по некој месец! Предоволно и премногу е да продолжиме да бидеме игнорирани, дискриминирани и понижени. Доста е! Доведени сме во ситуација на дополнителен стрес којшто влијае врз нашата и така влошена здравствена состојба. Зошто? Поради тоа што постојано помеѓу две тендерски постапки сме оставени без доволни количини на потребни инсулини или таблети, незамисливо и недозволиво 8 месеци немаме апаратчиња и ленти за мерење на шеќерот во крвта. Од вкупно 12 месеци во една година 8 месеци сме оставени самите на себе, да се снаоѓаме како знаеме и умееме за да преживееме, а замислете за сето тоа време имаме здравствено осигурување“, велат од Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија.
Ниту Сали, ниту Меџити не го распишале навреме големиот двегодишен тендер за лицата со дијабет
Според податоците од веб-страницата за јавни набавки, може да се види дека тендер за инсулински игли и ленти за мерење шекер, инсулински пумпи со потрошен материјал и сензори за континуирано мерење на гликемија се распишува на секои две години. Последниот тендер завршил во декември 2022 година (со важност од јануари 2020 година), а Министерството за здравство го распишало новиот тендер дури на 4 април 2023 година, односно четири месеци по завршувањето на стариот.
Мета.мк во неколку наврати се обрати до Министерството за здравство, со барање за одговор до каде е постапката за набавка. Одговорите од Министерството, со датуми, ги пренесуваме во целост:
15 мај 2023 – Постапката за јавна набавка на ленти и игли за мерење гликемија е во финална фаза, во моментот се врши евалуација на понудите, по што ќе следи нивна дистрибуција.
19 јули 2023 – Во сите инсулински аптеки во државата има доволно количини од сите типови инсулин. Јавната набавка за игли и ленти за мерење шеќер е веќе завршена, но постапката е под жалба и се чека одговор од Државната комисија за јавни набавки. Веднаш по завршување на процедурата за жалби ќе се дистрибуират игли и лентите за мерење гликемија во инсулинските аптеки.
20 јули 2023 – Министерството за здравство има целосно разбирање за пациентите со дијабет. Затоа правиме се во наша моќ што побрзо се завршат правните процедури кои како институција мора да ги почитуваме. Како што веќе во неколку наврати информиравме, во моментов течат жалбените постапки на набавката на ленти, процедура која не зависи од министерството. Сите процедури во рамки на Министерството за здравство се завршени во најкраток рок. Жалиме што набавката доцнела која требала да се започне уште во декември од претходното раководство. Што се однесува до набавката за сензори, таа е во фаза на евалуација и се очекува набрзо да заврши. Сите деца со дијабет, како и бремените и слепите лица за прв пат ќе добијат вакви сензори. Бараме разбирање од пациентите за оваа состојба која брзо ќе биде надмината. Министерот Меџити по преземање на функцијата се заложи ваквите застои во набавките повеќе никогаш да не бидат случај.
Целиот тендер за две години, според податоците од Бирото за јавни набавки, чини над 4 милиони евра, а договорите се потпишани со три компании – Зегин ДОО, Алкалоид Конс и Д-р Пановски Скопје.
Со последната компанија, акционерското друштво д-р Пановски, договорот е склучен на 2 милиони евра, на 21 јули годинава и се однесува на лентите за мерење гликемија за пациенти со дијабет тип 1 и за дијабет тип 2.
Она што е нејасно е зошто договорот со оваа, но и со останатите компании е потпишан ретроактивно, од јануари 2023, а никаде во ставките од истиот не е наведено дали пациентите ќе добијат инсулински ленти за последните осум и пол пропуштени месеци.
Она што го пишува во договорот е дека „диструбицијата треба да се изврши во рок од 5 дена од денот на добиена нарачка за прераспределба во јавните здравствени установи“.
Министерот Меџити беше назначен на крајот на февруари годинава, откако од функцијата си замина неговиот претходник, Беким Сали. Ова практично значи дека и двајцата министри не го распишале навреме двегодишниот тендер за лицата болни од дијабет.
„Во 21 век, ние пациентите меѓу себе си разменуваме од терапијата“
Секој пациент со дијабет кој е на инсулинска терапија, до лани добиваше една кутија со 80 ленти за мерење гликоза, за два месеца. Ова, според пациентите, ни оддалеку не ги задоволува реалните потреби, бидејќи често се трошат од две до три ленти дневно. Лицата со дијабет тип 1, пак, треба најмалку 3-4 пати дневно да го мерат шеќерот во крвта, што значи дека на она што им го даваше државата, тие трошеа и дополнителни средства.
Во аптеките пак, според нашите проверки, кутија со 50 ленти за гликоза во просек чини околу 700 денари, што значи дека од семејниот буџет болните од дијабет даваат по најмалку 1.400 денари месечно, за нешто што треба да го покрива државата.
Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, само минатата година новодијагностицирани се 7.460 пациенти со дијабет, а вкупниот број на евидентирани случаи со дијабетес во државата е 135.690.
„Тоа значи дека речиси 136 илјади граѓани во оваа држава мака мачат, живеат под стериозен стрес и имаат секојдневни проблеми поради нивната хронична состојба. Доколку тука ги додадеме и семејствата, бројката е навистина многу поголема, односно скоро една четвртина од вкупното население во нашата држава се соочува со последиците од дијабетесот. 136 илјади граѓани во оваа држава немаат финансиски средства самите да си ги обезбедат потребните медицински помагала или потребната терапија за справување со нашата дијагноза – дијабетесот. Знаете како се снаоѓаме? Во 21-виот век, ние пациенти меѓу себе си разменуваме од терапијата, од иглите, од лентите и од апаратчиња за шеќер“, вели Диме Велев, претседател на Сојузот на здруженија на дијабетичари.
Недозволиво е, додава тој, во оваа држава пациентите со дијабетес да бидат оставени точно 8 месеци без ленти, игли и апарати за следење на шеќерот во крвта.
„Неодговорно е пациентите да страдаат поради тендерски процедури. Тоа е недозволиво од страна на државата! Неодговорно е во инсулинските аптеки постојано да ни се вели: „Дојди утре, дојди за два дена, дојди следната недела“, „ти следуваат пет пенкала ама ќе ти дадеме три, другите две наредниот месец ако има”, „крај на тендер е немаме од тој инсулин, оди кај докторот да ти ја смени листата на тоа и тоа (тоа што се нашло во аптека)” итн. Не само неодговорно, суров е ваквиот однос кон пациентите со дијабетес!“, смета Велев.