Фото: Арбнора Мемети

Изминатиот месец и натаму се бележат високи троцифрени и четирицифрени бројки на нови случаи со ковид-19. Заштитната маска на лицето како превенција од вирусот и негово ширење задолжителна е и на отворено, но сепак се регистрираат прекршоци. Полициските службеници минатиот месец регистрирале 18.540 лица кои не носеле заштитна маска низ градовите во земјава.

Во октомври пак, беа регистрирани 23.981 прекршок по овој основ.

Инаку во последните 24 часа беа регистрирани нови 946 случаи со ковид-19, а последниот неделен извештај на Институтот за јавно здравје за периодот од 21 до 29 ноември покажува дека е намалено тестирањето и новите случаи со ковид-19, додека пак, смртноста е помала за незначителен 1 отсто. Вкупниот број на активни случаи во земјава надмина 21.000 лица, а од почетокот на пандемијата починаа над 1.800 пациенти.

Минатиот месец министерот за здравство, Венко Филипче апелираше славите и празниците кои се пред нас да се прославуваат само со најблиските со цел да се избегнат групирања. Тој, исто така истакна дека вирусот ќе опстане и дека е широко распространет и побара од граѓаните да ги почитуваат мерките.

Во ноември на сила стапи и забраната за групи на јавен простор кои не смеат да бидат поголеми од четворица и истата важи во текот на целиот ден. Оваа рестрикција доаѓа по објавата на „Мета.мк“ дека откако кафулињата ќе затворат во 21 часот, стотици млади се собираат во поголеми групи и се забавуваат во Градскиот парк.

„Мета.мк“ и претходно известуваше за прекршоците.  Во текот на летниот период, односно месеците јуни, јули и август, најмногу прекршоци за неносење маска (20.026) се регистрирани во месец јуни, а речиси двојно помалку се констатирани во текот на јули (11.054), покажуваат податоците на МВР. Во септември се бележи раст на казните по овој основ.