Минатиот месец изречени близу 24 илјади казни за неносење заштитна маска на лицето

Фото: Арбнора Мемети

Расте бројот на новозаразени со ковид-19, а паралелно со тоа и бројот на казни што ги изрекува Министерството за внатрешни работи за неносење заштитна маска на лице како превенција од вирусот. Со новите рестриктивни мерки што ги донесе Владата сега заштитната маска е задолжителна и на отворено. Но иако во јавноста оваа мерка доби критики и отвори дилеми, сепак се чини дека заштитна маска не се носи и во сегашните услови кога таа е неопходна. Во последното деноноќие МВР казнило 737 лица кои не носеле заштитна маска на лицето.

Изминатиот месец пак, регистрирани се досега најголем број прекршоци за неносење заштитна маска на лицето, покажуваат податоците од Министерството за внатрешни работи. Во октомври изречени се 23.981 казни по овој основ.

Постепениот раст на бројот на новозаболени лица од ковид-19 доведува до построга контрола на полициските службеници во делот на носењето заштитни маски од страна на граѓаните.  Во септември се бележи раст на казните по овој основ.

„Мета.мк“ и претходно известуваше за прекршоците.  Во текот на летниот период, односно месеците јуни, јули и август, најмногу прекршоци за неносење маска (20.026) се регистрирани во месец јуни, а речиси двојно помалку се констатирани во текот на јули (11.054), покажуваат податоците на МВР.

Инаку вчера беа регистрирани нови 865 случаи со ковид-19. Вкупниот број на активни случаи во земјава надмина 10.000 лица, а од почетокот на пандемијата починаа над 1.000 пациенти.