Претседателката ги прими акредитивите на новиот евроамбасадор Рокас

Грчкиот дипломат Михалис Рокас во вторникот ја презеде својата функција, наследувајќи го Дејвид Гир, кој стана амбасадор на ЕУ во Северна Македонија во септември 2020 година

-

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот шеф на Делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Микалис Рокас.

Грчкиот дипломат Михалис Рокас во вторникот ја презеде својата функција, наследувајќи го Дејвид Гир, кој стана амбасадор на ЕУ во Северна Македонија во септември 2020 година.

Во поздравното обраќање на церемонијата, претседателката Сиљановска-Давкова порача дека три децении по нашето осамостојување, стремежот за полноправно членство во Европската Унија продолжува да биде важен општествен двигател и значаен фактор на кохезија за огромното мнозинство македонски граѓани.

„Приклучувањето кон Европската Унија претставува наша цврста стратешка определба и генерациска цел за чие остварување макотрпно работеле и продолжуваат да работат десетици наши државни лидери, политички претставници, членови на граѓанскиот сектор, академски и научни работници, стопанственици, новинари и уште многу повеќе наши дипломати и државни службеници“, истакна во обраќањето претседателката на државата.

Сиљановска-Давкова истакна дека Европската Унија е нашиот најзначаен економски и трговски партнер и дека низ годините се донесени храбри и многу тешки одлуки во интерес на иднината на нашите граѓани и на државата.

При предавање на акредитивните писма, амбасадорот Рокас ја цитираше изјавата на претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен: „проширувањето е инвестиција во нашата колективна сила и безбедност. Сакаме силна, конкурентна и безбедна Европа, а тоа го вклучува и Западен Балкан, како и Украина и Молдaвија во нашата Европска Унија“.

Амбасадорот Рокас ја поздрави неодамнешната одлука на Советот и на Европскиот Парламент да го финансира Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан.

„Тоа покажува дека ЕУ вложува средства сразмерно на нивото на нашите амбиции. Подготвени сме да ја придружуваме Вашата земја, новата Влада, институциите и граѓанското општество на патот кон натамошна европска интеграција. Би сакал да Ве уверам дека моја цел е да и помогнам на Северна Македонија да оди напред и да направи видливи чекори на патот кон оваа заедничка определба за членство во Унијата“, кажа амбасадорот Рокас.

Toj истакна дека ќе ги застапува вредностите на Европската Унија, почитувањето на човековите права и владеењето на правото, посочувајќи ја солидарноста што ја демонстрирала ЕУ при помошта во борбата со шумските пожари во земјава и на Балканот, како и заложбите за мир што Унијата ги демонстрира преку континуирана и силна поддршка на Украина и на принципите на меѓународното право.

Од денеска започнува пријавување за вакцинација против сезонски грип

Преку веб страницата vakcinacija.mk, од денеска започнува пријавувањето за бесплатна вакцинација против сезонски грип за ризични групи население, информираат во Министерството за здравство. Набавени се 70.000 дози четиритипна вакцина против...