fbpx

Мицкоски ги најави техничките министри: Адвокатот Тошковски за внатрешни, Ѓоко Велковски за труд и социјала

Нема да гласаме за техничката влада затоа што цениме дека Талат Џафери не заслужува да се гласа, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ

-

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва во „Топ Тема“ на телевизија Телма ги соопшти имињата на техничките министри и заменици кои ќе ги предложи ВМРО-ДПМНЕ во техничката влада. Toj рече дека тоа се „компетентни и неизвалкани кадри чија задача ќе биде да ја обезбедат волјата на народот“.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека технички министер за внатрешни работи ќе биде адвокатот Панче Тошковски, кој моментално ја води партиската комисија за правни работи, бил член на конгреси, дел министерство за транспорт и врски, моментално работи во адвокатска канцеларија.

„Ценам дека со оние други именувања во МВР може да се состави добар тим да се обезбеди изборниот процес да се одвива како што очекуваме ние и граѓаните“, изјави Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека технички министер за труд и социјала ќе биде Ѓоко Велковски, кој долго време работи во тоа министерство.

„Добро ја познава работата и структурата, едно време беше и секретар на Град Скопје, сега е дел од општина Гази Баба. Ценам дека како долгогодишен професионалец може да даде додадена вредност во овие 100 дена да обезбеди да имаме добро водење на министерството и да влијае да биде спречен поткупот кој знаете пред новогодишните празници на големо беше најавуван од страна на владата“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека технички заменик министер за финансии ќе биде Елена Петрова, која доаѓа од Управата за јавни приходи.

Таму работи повеќе од 25 години, исклучителна биографија, многу обуки во Светска банка, ММФ, станува збор за професионалец и може да допринесе за здрав конкурентен тим во тоа министерство, рече тој.

Технички заменик во министерството за администрација информатичко општество ќе биде Стефан Андоновски, меѓународен секретар во ВМРО-ДПМНЕ.

Долги години дел од УМС, дел од ИК, близок соработник, имаме големи планови во делот на дигитализацијата на Македонија веднаш по изборите како идна влада. Ценам дека и тој ќе биде разликата која ќе ја видат граѓаните во овие 100 дена, изјави Мицкоски.

За технички заменик министер во МЗШВ, Мицкоски посочи дека ќе биде Цветан Трипуновски.

Беше и во претходната техничка влада, ја води и партиската комисија, човек кој ги поминал сите структури и имам доверба дека може да се справи со предизвикот, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ

Тој го повтори ставот дека партијата ќе се воздржи од гласање за техничката влада.

„Нема да гласаме за тоа што цениме дека Талат Џафери не заслужува да се гласа“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Цениме дека не може тој човек да биде човек кој што може да обезбеди еден процес во кој што сите ќе бидеме горди. Но, ете тој е резултат, плод на еден политички договор кој што го имале СДСМ и ДУИ“, додаде тој, потенцирајќи дека е „мандатар, кој нема да прифати таков лик да биде дел од неговиот кабинет“.

На оваа одлука на опозицијата, во интервју за Сител ТВ вечерва реагираше заменик претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска. Таа рече дека законска обврска и задача е на сите партии, вклучително и на ВМРО-ДПМНЕ е да ги достават сите кадровски решенија за техничката влада и потоа да се гласа во македонското Собрание.

„ВМРО-ДПМНЕ мора да научи дека она што значи законска одредба дека треба да се испочитува. Каде е оправданоста некој да понуди ресори, да даде свои министри а да не ги гласа, да не ги поддржува? Тоа е политички парадокс“, рече Лукаревска.

Поднесувањето на предлог-составот на владата ќе биде на 27 јануари, а на 28 јануари би се избрала техничката влада.

Утре ќе се поднесат оставките од претседателот на Собранието и на Владата (Талат Џафери и Димитар Ковачевски), а задутре, на 26 јануари, ќе биде избран новиот претседател на Собранието.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...