„Мајкрософт“ сака да купи дел од ТикТок, тензиите околу апликацијата растат

ТикТок Кина
ТикТок се соочува со обвинувања дека предава информации на кинеската влада / фото: Solen Feyissa на Unsplash

Популарната мобилна апликација ТикТок сè уште е во жариштето на политичките тензии помеѓу САД и Кина. Зголемениот притисок и заканата на американските власти дека ќе ја забранат видео-платформата во САД доведоа до нов, необичен тек на случувањата.

Компанијата „Мајкрософт“ во неделата објави дека е во разговори со американскиот претседател Доналд Трамп за купување на дел од ТикТок од кинеската компанија „БајтДенс“ (ByteDance). „Мајкрософт“ сега има шест недели рок за да го склучи еден од најчудните договори во историјата на технолошката индустрија. Според досегашните информации, „Мајкрософт“ би управувал со ТикТок во четири земји: САД, Канада, Австралија и Нов Зеланд.

Најавата за купопродажба на ТикТок доаѓа по загриженоста на властите во САД дека кинеската влада може да ја присили платформата да ѝ ги предаде информациите кои ги собира за Американците и да ја искористи апликацијата за да ги промовира кинеските погледи на светот. Со ова на матичната компанија „БајтДенс“ ѝ остана опцијата да продаде дел од бизнисот или да ризикува целосно укинување на апликацијата во САД.

ТикТок неколку пати демантираше дека е под влијание на Пекинг. Од компанијата потсетија дека ТикТок е со седиште во Калифорнија, иако најголемиот дел од нејзините корисници се базирани во Азија и Европа. Пред неколку недели, оваа платформа беше забранета за користење и во Индија.

Доналд Трамп во понеделникот изјави дека апликацијата треба да биде забранета во САД доколку не биде купена од „Мајкрософт“ најдоцна до 15 септември.

Но, купопродажбата на ТикТок отвори нови прашања за иднината на апликацијата. Доколку договорот биде постигнат, тоа ќе значи дека, во суштина, ТикТок ќе биде поделен на две апликации, една на „Мајкрософт“ и друга на „БајтДенс“. Двете апликации би фунцкионирале со одделни сервери, одделни бази на кодови, одделни корисници, а тоа ќе ги погоди речиси сите што работат со апликацијата, пишува The Verge. Бизнисите што се рекламираат на платформата, како и инфлуенсерите, на овој начин ќе имаат многу помала публика. Со други зборови, двете апликации би се развивале во различни насоки.

„Никој досега не разделил социјална мрежа по регионални линии, а уште помалку под закана од национална забрана од страна на претседателот. Одделувањето на четирите земји од остатокот на ТикТок ќе биде особено тешко, па дури и да биде успешно, ќе му донесе на „Мајкрософт“ една мала и чудна регионална социјална мрежа, што ќе бара значителни дополнителни инвестиции“, пишува The Verge.

Најголемата аквизиција на „Мајкрософт“ до денес е купувањето на социјалната мрежа  LinkedIn во 2016 година, во износ од 27 милијарди американски долари. Сопствениците на „БајтДенс“ ја проценија ТикТок на околу 50 милијарди долари.

На самата апликација, тиктокерите ги следат овие случувања со потсмев и хумор кои се карактеристични за платформата.

Повеќето корисници, сепак, се вистински загрижени и веќе започнаа со насочување на нивните гледачи и следбеници кон другите социјални мрежи. Има и такви кои препорачуваат префрлање на други видео-платформи, како Бајт (Byte), наследникот на некогаш популарната апликација Вајн (Vine). Оваа апликација беше лансирана на почетокот годинава и бележи ненадејно зголемување на бројот на корисници.

Kорисниците со милиони следбеници, кои изградиле кариера на ТикТок, започнаа со повик за спас на платформата преку хаштагот #SaveTikTok.